Украдени предаватели на ТВ Алсат М и Арт
Од ЗНМ го оценуваат случајот како атака врз слободата на информирањето
Гојко Ефтоски Светлана Унковска
ТЕТОВО - Предавателите на локалната ТВ Арт од Тетово и на националната ТВ Алсат М, со кои со телевизиска програма се покрива Тетовско-гостиварскиот регион, биле украдени и однесени од непознати сторители. Во СВР-Тетово портпаролот Марјан Јосифовски го потврди инцидентот, наведувајќи дека репетиторите биле поставени во близина на селото Теново, од каде што зрачеле на територијата на Полошкиот регион. Од Здружението на новинарите на Македонија случајот го оценуваат како атака врз слободата на информирањето и бараат сторителите веднаш да бидат откриени и казнети. СВР-Тетово, пак, вели дека ова е втора ваква кражба на предаватели од истиот објект што се наоѓа на брдото Горица над селото Теново и дека сопствениците ништо не презеле за нивно обезбедување.
Според Мухамед Зеќири, главен и одговорен уредник на Алсат М, кражбата била изведена професионално, а ова е втор пат од истиот репетитор да им биде украдена опрема. Првата кражба се случи пред околу 6 месеци, кога, како што истакнува Зеќири, прво добиле закана од заменик-министерот за внатрешни работи, Рефет Елмази, дека ќе им поднесе кривична пријава за известувањата за акцијата во тетовски Бродец, по што набргу потоа се случила и кражбата.
„Овој пат ни е украдена комплет опремата, репетитор, примач на сигнали, трансмитер и уште некои други делови, со што вкупно е направена штета од околу 20 илјади евра. Кражбата ја пријавивме во полиција исто како и првиот пат кога ни украдоа дел од опремата, случај за кој се уште нема разврска“, вели главниот уредник Зеќири.
Според сопственикот на ТВ Арт, Артан Скендери, во истиот објект има сместено предаватели на телевизиите Сител, Телма, Алсат М, МТВ и локалните Кис, Коха и Арт и крадците точно знаеле што земаат. На другите телевизии нема никакви оштетувања.
„Очигледно станува збор за сторители кои биле добро упатени како да ја извршат кражбата. Иако предавателите биле под напон, крадците со гумени ракавици најнапред ја исклучиле струјата, а потоа ја одзеле опремата“, нагласува Скендери, кој притоа рече дека веќе три дена ТВ Арт е без програма во Полошкиот регион. На новинарско прашање дали зад оваа кражба има политичка заднина, Скендери смета дека „СВР треба да ги пронајде извршителите и да ја каже причината, зашто со оваа кражба им е нанесена најголема штета на демократијата и на правото на слободен израз и со овој чин сме охрабрени да продолжиме да работиме праведно и независно за да ја надградуваме довербата кај гледачите“, коментираше Артан Скендери.
Здружението на новинарите на Македонија го оценува случајот како атака врз слободата на информирањето и бара веднаш да се расчисти.
„Нападите се насочени кон точно определени медиуми кои некому не му се допаѓаат. Обидите да се замолчи јавноста во Македонија стануваат се' почести и поинтензивни. Се кршат камери, се краде опрема, се тепаат новинари, им се пресудува најостро. Сите актери во овие нечесни игри треба да се прашаат дали на овој начин се гледаат себеси во Европа, каде што владеат демократијата и слободата на информирањето“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
|