Рен: Изборите се деветти услов за ЕУ
БРИСЕЛ - Еврокомесарот Оли Рен првпат јавно и' испорача деветти услов на Македонија за да се надева дека ќе добие датум за преговори со Европската унија, и тоа не е спорот околу името, туку изборите во земјата.
„Македонија може да демонстрира подготвеност да ги започне преговорите со исполнување на осумте клучни приоритети што и' ги посочи Европската унија. Сепак, постои сериозна загриженост која, всушност, станува деветти критериум за тоа. Сите политички лидери, активистите и граѓаните треба да осигураат слободни и фер избори, на линија на меѓународните стандарди, како и невоинствена кампања“, изјави еврокомесарот Рен на отворањето на парламентарната дебата ЕУ - Западен Балкан во Брисел.
Дебатата ја водеше спикерот на Националното собрание на Словенија, Франц Цукјати, кој оцени дека Македонија направила значаен прогрес во реформите и во изградбата на мултиетничко општество, па дека се надева оти за време на француското претседателство ќе добие датум за започнување преговори за членство, практично отфрлајќи ја можноста такво нешто да се случи порано, за време на претседавањето на Словенија. (С.Ј.)
|