Проширувањето на „Илинденска“ ќе урне петнаесетина објекти
Доколку до петок сами не ги урнат куќите, тоа ќе треба да го направи Општината
Деспина Трајковска
Петнаесетина семејства што живеат во куќите од десната страна на „Илинденска“ на потегот од Зоолошката градина до раскрсницата со булевар „8 Септември“, ќе останат без своите домови доколку се реализира најавената чистка на теренот заради планираното проширување на улицата. Вчера од секторот за имотно-правни односи при Министерството за финансии, жителите добиле писмено барање за уривање на домовите во рок од три дена заради планираниот проект. Во случај да не го сторат тоа во предвидениот рок, обврската за расчитување на потегот ќе ја има Општина Карпош. Според надлежните, поголемиот дел од куќите и дуќаните на потегот се со привремен карактер и дивоградби, стари во просек над 25 години.
„Во ниту еден случај нема сами да ги урнеме своите куќи, ќе ги браниме со жив штит. Јас, на пример, треба да го урнам дуќанот и дел од куќата. Сметам дека залудно бараат да не' урнат, оти се сомневам дека улицата навистина ќе се проширува. Од друга страна, пак, велат дека ќе не' обештетеле со по 5.280 денари за квадрат, но таа сума, според нас, е мала. Можеби и ќе им го исполниме барањето, но доколку обештетувањето е значително поголемо“, реагираше вчера Лилјана Велчевска, сопственичка на куќа и објект во кој се продаваат автоделови.
Таа тврди дека објектите не и' се дивоградби, како што посочуваат надлежните. Поседувала комплетна документација за нив, а речиси во иста состојба биле и неколку нејзини соседи. Велчевска верува дека градоначалникот на Општина Карпош, на чие подрачје се куќите што треба да се урнат, ќе им помогне да го решат проблемот. Градоначалникот Јакимовски им ветил дека за случајот денеска ќе разговара со градоначалникот Коце Трајановски, кој, всушност, треба да го реализира проектот за проширување на „Илинденска“.
„Запознат сум со проблемот и засега немам што да им ветам на граѓаните. Факт е дека поголемиот дел од објектите се дивоградби и поради реализацијата на урбанистичкиот план треба да се урнат. Ги разбирам граѓаните, но не можам ништо да им ветам, утре веројатно ситуацијата ќе биде појасна“, изјави вчера Стевчо Јакимовски, чија градежна инспекција ќе треба да го расчисти теренот доколку домовите не бидат урнати од страна на нивните сопственици.
Од Град Скопје, пак, вчера накусо информираа дека официјално ја известиле Општина Карпош оти заради реализација на генералниот, односно деталниот урбанистички план, десната страна на потегот од влезот на ЗОО до раскрсницата со булевар „8 Септември“ треба да се расчисти од привремени објекти.
Инаку најавената чистка на теренот е, всушност, трета таква акција по сечењето на дрвјата на почетокот на „Илинденска“ и отстранувањето на киосците кај фонтаната „Лотос“.
|