Во Скопје нема каде да се моча
Јавните тоалети се бројат на прсти, и во нив сликата и миризбата се ужасни
Сања Наумовска
„Како е најлесно да загубиш 3.000 денари? Ако заборавиш каде е вецето!“ е пораката што им ја упати Владата на македонските граѓани преку билборди. Постерите, со навидум забавна содржина и илустрација, со која се потенцира забраната за уринирање на јавни површини, е дел од двегодишната кампања, со која се повикуваат граѓаните да го почитуваат Законот за јавна чистота. Законот превидува големи казни и за фрлање ѓубре на улица, паркирање на тревници, правење ајвар пред зграда и десетици други лоши навики на македонските граѓани.
Но, од друга страна, пак, на владиниот билборд нема информација дали некој ќе плати казна ако не им обезбеди нормални услови на граѓаните, најдени во небрано. Во цело Скопје јавните тоалети може да се избројат на една рака. Ако, воопшто, тие руини и можат да се наречат тоалети. Најчесто се заклучени, бидејќи нема кој да ги одржува, а и да се отворени, во нив не се влегува. Сликата е ужасна, нема мијалници, ниту вода, а за хартија или сапун, да не зборуваме.
Законот за јавна чистота пропишал Градот Скопје и општините да прават годишни програми во кои ќе предвидат средства за изградба и за одржување на јавните тоалети. Има и казна од 300 до 600 евра ако не се почитува Законот. Но, проблемот е што градските и општинските власти си ја префрлуваат надлежноста и одговорноста.
„Со Законот за Град Скопје, надлежноста за изградба и одржување на јавните санитарни јазли прејде во надлежност на скопските општини. Градот во рамките на активностите за уредување на Градскиот парк реализира проект за уредување на два јавни тоалета во паркот и на тоалетот под мостот ’Гоце Делчев‘. Реконструкцијата е во завршна фаза и се очекува наскоро тоалетите да се стават во употреба. Остатокот од обврските се надлежност на општините“, информираат од Градот.
Министерството за транспорт и врски пред две години распиша и повик до локалните власти да понудат локации за нови тоалети, за кои ќе им бидат дадени пари за да ги направат, како и за да ги реновираат постојните. Градот доби 3 милиони денари за да ги поднови тоалетите во Градскиот парк и под мостот „Гоце Делчев“. Општина Центар доби 800.000 денари за тоалетот во паркот „Жена-борец“, кој е толку риуниран, што општинарите се откажаа од обидите за обновување. Ѓорче Петров до еден милион денари гради тоалет на локација во Ново Село, каде што, според ДУП, предвиден е спортско-рекреативен комплекс. Останатите општини, иако имаат локални трговски центри, паркови и плоштади каде што се собираа�� поголеми групи луѓе, воопшто и не се заинтересирале да понудат проект и да добијат дел од парите.
|