Нема куп пари, ама може да се продава приказната за Алшар
Во рудникот има ретки минерали, но тие немаат вредност во милиони евра
Сања Наумовска
Алшар не крие никаква мистерија, ниту, пак, огромни богатства, смета научната јавност. Во рудникот се наоѓаат ретки минерали, од кои неколку ги има само на ова место. Но, тие немаат вредност која се мери во милиони евра. Алшар е најголемо лежиште на талиум во светот, а во него се најдени и 13 различни минерали на оваа руда. Од нив осум ги има само на ова место.
Приказните дека тие претставуваат неискористен економски потенцијал кој може да донесе огромни профити се далеку од реалноста, сметаат стручњаците. Потврда за тоа е побарувачката за талиум на светските берзи, која не ги оправдува овие наводи.
Привлечноста на ретките минерали е во спектарот на бои, од жолта до црвена, кои им ги подарила природата, како и реткоста на нивната појава, во толкав број на едно место. Минералите, заедно со приказните и мистериите што се плетат со децении околу рудникот, можат да се продадат само на туристи.
Алшар минатата година е прогласен за споменик на природата, но за да стане вистинско туристичко место му недостасува инфраструктура. За добро да се продаде приказната дека фалангите на Александар Македонски на штитовите имале мали сонца од минералот лорандит, со кои ги заслепувале противниците и лесно ги победувале, треба туристите да се донесат до Алшар. Мора да се изгради патот, да се обезбеди околината, да се направат ресторани. За туристички прошетки во рудникот треба инвестиција и во старите ходници кои одамна се небезбедни.
Од друга страна, пак, за ископување и преработка на рудата се потребни огромни инвестиции, кои не можат да се оправдаат со резервите рудно богатство што лежат под земја. Талиумот, велат стручњаците, моментно се користи само за подобрување на квалитетот на некои челици. Се јавува и како отпаден материјал во топилнички процеси, при обработката на олово и цинк. Се произведува во мали количини и е скап, но и потребата од него засега не е голема. Поради тоа, се смета дека инвестиции во рудни ископувања само заради талиум не се економски оправдани, велат експерти.
За Трајче Стафилов, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Алшар е природно богатство, а не мистерија. „Приказните за скриени блага датираат од седумдесеттите години на минатиот век, кога беа актуелни експериментите за детектирање на честичките неутрино, со кои научниците сметале дека подобро ќе се разберат процесите што се одвиваат во јадрото на сонцето. За нив им бил потребен лорандитот, еден од минералите на талиумот, кој го има во Алшар. Бидејќи експериментите ги правеле тимови научници од САД, тогашната југословенска влада не им дозволила вадење руда од Алшар. Во годините што следувале се менувале групи истражувачи, а кај населението се зголемувала мистеријата што има во Алшар толку вредно“, објаснува Стафилов.
Сепак, вели тој, испитувањата на неутриното завршија пред повеќе од една деценија, а двајца физичари, Дејвис и Кошиба, кои ги направија експериментите, во 2002 година добија Нобелова награда за физика. „Фактот што за детектирање на сончевото неутрино не беше искористен лорандитот ја расчистува мистеријата за богатствата на Алшар“, вели професорот Стафилов.
Алшар е богат со арсен и антимон, а злато, сребро и талиум има во трагови. Најголема резерва, утврдена при последните испитувања пред триесетина години, има од арсен антимоновата руда. Проблемот, според Стафилов, е што се појавуваат како поврзани елементи, а процесот на одвојување е тежок, бидејќи во антимонот не смее да има арсен. „Доколку во иднина технологијата напредне во насока на олеснување на овој процес, можеби резервите на ан��имон во Алшар ќе станат интересни за инвестиција. Другото, засега е неисплатливо“, смета Стафилов. |