Магијата на „Трескавец“
Многупати бил уништуван, но верниците никогаш не се откажале од обновување. Отец Калист е единствен жител на манастирот
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Манастирот „Трескавец“ со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кој датира од 14 век е култен духовен храм за прилепчани. Иако многу пати бил пален и уништуван, верниците никогаш не се откажале од обновување на манастирот. Поминувале и по 12 километри во еден правец, носејќи градежни материјали.
Само оние што го посетиле „Трескавец“ ја познаваат магијата на светото место каде што царуваат тишината и спокојот. Располан на Златоврв, издигнат во височините од каде што може во мир да се набљудуваат планините Баба, Бабуна и Ниџе, манастирот и' пркоси и на суровата зима, и на дождливата есен и на пеколните лета. Секое годишно време нуди посебен сјај, а посетителите наоѓаат душевен мир далеку од неподносливата градската врева и од метежот.
Неизградениот карпест пат не е пречка за туристите и за верниците што редовно доаѓаат да вдишат чист воздух и да се восхитуваат на убавините. Но, меѓу многубројните посетители се' почесто има и луѓе што немаат никаков респект за религиската и за духовната димензија, за светоста на храмот посветен на Мајката Божја. Ги има на сите возрасти. Почнувајќи од највозрасните што доаѓаат со литри алкохол во рацете и тука се пијанат и се коцкаат, прават скари со месо. А младите, тинејџерите, тука земаат дрога.
Врв на човечките девијации беше неодамнешниот случај кога возрасен човек зачекорен во четвртата деценија од животот, го избрал токму ова свето место за сексуална злоупотреба на 13-годишно момче од соседството.
Во паника кога забележал дека ќе биде откриен неговиот грев, несовесниот, бескрупулозен човек одлучил да скокне од камбанаријата. Потоа, како од мајка роден, паднал во дворот на манастирот. Екипа на Службата за итна медицинска помош по подолго време го однела во прилепската болница.
„Сите човечки слабости со кои се соочуваме во градовите, селата - алкохолизмот, дрогирањето... се' е пренесено и во манастирот“, вели отец Калист, единствениот жител на манастирот, кој со благослов на владиката Климент, се грижи за ова светилиште.
Отец Калист и надлежните во МПЦ се згрозени од девијациите на граѓаните, па велат ако не од вера, барем од култура тие што доаѓаат треба да го почитуваат куќниот ред на манастирот.
Манастирот се соочува и со други проблеми. Патот е непристапен, а за доаѓање пеш, потребни се повеќе од два часа по веќе познатата карпеста траса. Секако, има и друга опција, но таа подразбира солиден џип. Тогаш се потребни 40-ина минути возење, по прашина и дупки што може да постават сигурна дијагноза ако имате камен во бубрег. Планови за изградба на патот има одамна, дури во последниве години е направен и проект, но не се знае кога ќе се реализира сето тоа. Сериозен проблем е отстранувањето на манастирскиот отпад. По масовни собири, граѓаните во манастирот оставаат купишта ѓубре што повторно мора да се враќа назад во градот.
„Не смееме да палиме отпад на отворено. Принудени сме да го собираме во вреќи и кога одиме во град по работа, тогаш го фрламе и сметот. Комуналните возила не можат да доаѓаат по овој непристапен пат“, објаснува отец Калист.
Манастирот се снабдува со вода од изворот во близина. „Десет месеци изворот има доволна дарежливост за потребите. Најпроблематични се двата месеца во лето кога проблемот со недостиг од вода за пиење е изразен. Тоа е период на најголеми жештини, а особено во август кога е манастирската слава. Тогаш се потребни огромни количества вода за да се завршат сите подготовки. А, по чествувањето, се' треба да се врати во првичната состојба“, додава отец Калист.
„Трескавец“ е единствениот манастир во Македонија со зачувани културни слоеви од 14 век. Но, за жал, археолошките вредности досега речиси и да не се истражувани. Фреските во црквата се распаѓаат, или како што велат луѓето во манастирот, секој ден метат вредни остатоци. Од друга страна, распукани се и дрвените столбови на манастирот, бидејќи не се заштитени.
„Столбовите не се навреме заштитени. Имаме официјален записник од Завод и музеј дека сите носечки столбови на чардаците итно мора да се сменат“, потсети отец Калист. Тој негува надеж дека Министерството за култура за кусо време ќе одвои средства за истражувања, кои се услов за реставрација на комплексот.
„Манастирот допрва треба да се истражува“, смета археологот д-р Бранислав Ристески, виш стручен соработник во прилепскиот Институт за старословенска култура.
Овој прилепски манастир многупати е пален, а последната обнова е пред 20-ина години. Тогаш прилепчани со донации го изградија од темел опожарениот „Трескавец“ докажувајќи дека нераскинливо се поврзани со светото место. |