Венчавки и на ливади, плажи, во музеи...
Со измените на Законот за семејство, младенците ќе склучуваат брак каде што сакаат
Младите нема да мора да склучуваат брак единствено во службените простории на Управата за водење матични книги. Ќе се менува Законот за семејство и според предложените измени, брак ќе може да се склучува и на други локации, како што се ресторани, домови, излетнички места, плажи, културно-историски споменици, музеи... Ова, во последно време стана и нова практика кај повеќе млади двојки, иако законски не беше регулирано.
Собраниската комисија за труд и социјална политика вчера ја утврди потребата за измени и дополнувања на Законот што ќе ги овозможат овие промени. Според предлагачот на измените, Дарка Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, со постојниот Закон е утврдено дека склучување брак се врши на свечен начин и во посебна, за тоа определена службена просторија, а по барање на лицата што сакаат да склучат брак, тој може да се с��лучи и на некое друго место, ако за тоа постојат оправдани причини, односно болест, инвалидитет, ако еден од идните сопружници е во затвор и слично. „Предложените измени се резултат на потребите и барањата од граѓаните, како и од примерите на земјите во соседството и земјите-членки на Европската унија“, посочи таа.
Измените ќе овозможат склучувањето на бракот да се реализира и во домовите на младенците, во угостителски објекти, излетнички места, културно-историски споменици, во кругот на верските објекти, јавни простории... Оние што ќе сакаат да склучат брак на место по нивна желба, за тоа ќе треба да платат соодветен надоместок, како и да добијат одобрение за склучување на бракот од институцијата или од управителот на објектот и локацијата каде што сакаат да стапат во заеднички живот.
Членовите на комисијата беа согласни дека еден ваков закон е добар и оти со него им се излегува во пресрет на граѓаните што сакаат и можат да платат да склучат брак надвор од просториите на Управата за водење матични книги. Но, посочија дека треба да се внимава како ќе се утврдуваат паричните надоместоци, како и исклучоците за оние што нема да треба да плаќаат надомест. Станува збор за случаите како и досега, кога се работи за болест, инвалидитет, издржување казна и слично. За да се склучи брак надвор од службените простории на Управата за водење на матичните книги, ќе се донесе подзаконски акт, со кој ќе треба да се реализираат начинот и висината на трошоците на склучувањето на бракот. (М.Т.) |