Шврговски: Случајот со НПК беше законски покриен!
Државниот обвинител негира дека постапувал селективно и оти го штител криминалот на владејачката партија
Гордана Дувњак
Обвинителството ќе се држи настрана од сите политички пресметки во изборната кампања и нема да дозволи да биде инволвирано во меѓусебните партиски обвинувања за криминал и за корупција. Ова во изјавата за „Утрински весник“ го тврди државниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски, кој вели дека не планира да одговара на личните прозивки и на спомнувањето на неговото име од страна на СДСМ како „заштитник“ на актуелната владејачка структура во случајот со Националната платежна картичка.
„Апосолутно тврдам дека и тогаш и сега сум постапувал законски���, категоричен е Шврговски. Тој потврдува дека навистина го работел предметот за НПК како заменик на јавниот обвинител во скопското Обвинителство и тоа во време кога на власт бил СДСМ.
Според Шврговски, овој предмет бил дојден кај него во работа со посебен извештај, а не по кривична пријава на МВР, што зборува за понизок степен на сомневање и за индиции без да бидат поткрепени со докази. „Предметот го проучив и не најдов дека треба да се гони по службена должност, поради што случајот го затворив со резолуција. Во извештајот не беше посочено конкретно лице, туку по функција, тогаш директор беше Влатко Мијалков. Сомневањата за криминал не се потврдија бидејќи сите преземени дејства беа покриени со законски норми“, објаснува Шврговски.
Тој вели дека, колку што го држи сеќавањето, причините за ваквата одлука ги образложил на три или четири страници и ги реферирал пред својот претпоставен Стерјо Зиков, а подоцна и пред стручниот колегиум на Републичкото јавно обвинителство во времето кога прв човек бил Александар Прчевски.
Обвинувањата на опозицијата дека Обвинителството постапува селективно, Шврговски ги негира со тврдење дека работат по пријави од МВР и врз база на доставени докази. На прашањето дека органот за прогон има законската можност да постапува и „по допрен глас од јавноста“, првиот човек на Обвинителството потврдува, но додава: „Имаме толку многу работа, а недоволен број обвинители за да можеме да ги проверуваме сите јавно искажани сомневања во медиумите“.
Дали Шврговски стравува дека ќе ја доживее судбината на сите свои претходници? Тројцата досегашни државни јавни обвинители - Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчевски - по доаѓањето на новата власт беа предвреме разрешени поради нестручно и несовесно постапување и тоа речиси на половина мандат.
Актуелниот обвинител е свесен дека може лесно да се случи тоа, но помирливо вели дека „секоја власт носи свој обвинител“. „Апсолутно сум убеден дека работев законски. Но, доколку мислат поинаку, ќе си заминам“, подвлекува Шврговски. Тој вели дека во едно е убеден - дека мандатот од шест години за еден државен јавен обвинител е предолг. „Тоа е премногу стресна и одговорна работа за да може толку долго да се издржи“, вели првиот човек на Обвинителството. |