Розалија Кочковска - претседателка на Виш управен суд
Актуелната претседателка на Управниот суд, Розалија Кочовска, е изборот на Судскиот совет за прв човек на новоформираниот Виш управен суд. Таа е избрана на вчерашната седница на Советот со 12 гласа „за“ и три „против“.
Судијката Кочковска доаѓа на новата функција од местото претседателка на Управниот суд, со кој раководеше од неговото формирање во декември 2007 година. Претходно работеше како судија во скопскиот Кривичен суд.
Пред неколку месеци, Судскиот совет избра 12 судии за Вишиот управен суд, од кои осуммина се од актуелниот состав на Управниот суд.
Новата судска институција, која треба да работи како второстепен суд и да одлучува по управни жалби, треба да почне со денот на конституирањето, поточно од 1 јули оваа година.
Според информации од Судскиот совет, сите унапредени судии, вклучувајќи ја и претседателката Кочковска, ќе останат во судот до формирањето на вишиот суд, а дотогаш ќе одлучуваат и околу изборните предмети по жалбите на решенијата на ДИК поднесени од партиите. (Г.Д) |