Унгарија бара забрзување на преговорите за името
Унгарскиот амбасадор ја пофали земјава за напредок во реформите, но не сакаше прецизно да каже во кои области е постигнат напредок
Унгарија, која на 1 јули ќе и' го предаде на Полска претседавањето со ЕУ, смета дека преговорите на Македонија со ЕУ треба да почнат најбрзо што е можно. „Тоa не е интерес само на Македонија или само на Унгарија, туку на сите ЕУ-членки“, изјави вчера унгарскиот амбасадор во земјава, Ференц Кекеши.
Тој притоа рече дека се бара од двете страни во спорот за името да го забрзаат процесот, да се изнајде решение за да може пристапувањето на земјава да продолжи. „Во таа насока очекуваме во претстојните недели и месеци поголема активност“, изјави Кекеши.
За ветувањето на Унгарија дека во текот на нејзиното претседавање Македонија ќе добие датум за преговори, Кекеши рече дека тоа ветување било високо на агендата, „но, се знае кои се надлежностите на претседавачот“. Амбасадорот притоа објасни дека Унгарија, сепак, била активна во промовирањето на понатамошното проширување на ЕУ. „Им објаснивме на другите членки зошто е толку важно да се остави отворена вратата за Македонија за преговори“, изјави тој, додавајќи дека во последните шест месеци прашањето за Македонија се дискутирало почесто отколку претходно.
Унгарскиот амбасадор, иако ја пофали земјава за напредок во реформите во изминатите шест месеци, не сакаше прецизно да каже во кои области е постигнат напредокот. „Ние го гледаме прогресот на терен, бидејќи ние ја задржавме силната комуникација меѓу ЕУ и Македонија и бевме фокусирани на сите овие полиња на активности“, објасни Кекеши. Тој притоа се повика на последниот извештај на ЕК за земјава. Сепак, според него, остануваат уште цели, како што се, реформите во јавната администрација и други, „за кои се надеваме, барем според изјавите на Владата, вашите политичари и новиот парламент, дека ќе ги забрзаат“.
Унгарскиот амбасадор на крајот од претседавањето на неговата земја со ЕУ рече дека се обиделе да се справат со сите прашања и кои ги предвиделе и кои не ги предвиделе, меѓу нив и економското водење на ЕУ што беше едно од горливите прашања среде економска криза. Кекеши се пофали дека, исто така, биле успешни и во промовирањето на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, особено што во нивното претседавање се случи историскиот момент - одлуката за прием на Хрватска во ЕУ. (Т.Г.)
Поставувањето скулптури е различно од земја до земја
Поставувањето скулптури може да биде различно од земја до земја, коментираше вчера унгарскиот амбасадор во земјава, Ференц Кекеши, на прашањето дали му се допаѓа скулптурата на Александар и како тоа придонесува за добрососедски односи. Според Кекеши, истата статуа може да биде третирана различно во различни земји. „Не би сакал да го коментирам тоа бидејќи добрососедските односи се многу битни во вашиот случај со вашите соседи и тоа е одлука на владата“, рече Кекеши, според кого добрата регионална соработка е есенцијален дел од тоа да се биде ефективен член на ЕУ. (Т.Г.)
|