Мислења
Колку е тенка границата меѓу право и неправо?
Ана Павловска - Данева
Правото на верско образование е право, но тоа никако не е и не смее да биде обврска, зашто тогаш станува неправо и се крши Уставот
Големиот број укинувачки одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, резултираше со уште поголема владина потрага по правни експерти, чија работа е да ги подучат функционерите како да ги надмудрат уставните судии. Меѓутоа, во постапките на Владата не гледам намера доследно да се почитуваат Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд и да се смени правецот на политиката која не е во согласност со Уставот, туку сите напори се насочени кон изнаоѓање „дупка“ или правен вакуум преку кој ќе се провлече владиното решение. Функционерите како да бараат советници за изигрување, а не за остварување на правото, а тоа на крај, води кон одговорност. Така, и покрај сите хонорарно ангажирани правни советници, експерти по право, редовни правни служби кои работат за него и слично, министерот за правда (поранешен антикорупционер), по се' изгледа, ја промаши работата. Но, кога се работи за лични апетити, ниту еден експерт, ниту советник не може да помогне. Во разговор со неколку пријатели си поставивме едно хипотетичко прашање, околу кое сметам треба да се замисли целата македонска јавност: ако за околу 2.000 евра (толку најмногу може да изнесуваат четири противправно добиени пензии) еден министер е подготвен да го прекрши законот, а со тоа да се изложи и на политичка, уште повеќе на кривична одговорност, како и на срам пред пошироката јавност, тогаш што се' тој е подготвен да стори, да речеме, за дваесет илјади или, пак, за двесте илјади евра?
Стручњаците ко�� го советувале градоначалникот на нашиот главен град да ангажира фирма, чии вработени, на улиците, на скопјани ќе им делат даночни решенија, треба веднаш да престанат со вршење советодавна дејност. Поради ограниченоста на просторот, ќе спомнам само две работи што овие советници требало да ги знаат, а пожелно е со нив да се запознае и самиот градоначалник: прво, во нашето право има нешто што се нарекува уредна достава, а тоа сигурно не е уличната делба на даночни решенија; второ, во државава има закон со кој е обезбедена заштита на личните податоци на граѓаните, кој флагрантно се прекршува со групното и јавно делење решенија, во кои се содржани матични броеви, имиња и адреси на даночните обврзници!
Последната тема на која сакам денес да се осврнам е цврстата решеност на Владата по секоја цена да воведе верска поука во државните училишта и покрај изричната забрана искажана како во Уставот, така и во неколку одлуки на Уставниот суд. И за оваа цел биле ангажирани правни експерти, кои навистина го дале својот максимум во изнаоѓањето решение за проблемот што го има Министерството за образование и наука. Често се вели - во правото два и два не биле секогаш четири - па оттука, преку различни толкувања на правната норма, може да се дојде до секакви одговори, дури и до оној кој на законодавецот не му бил ниту во малиот мозок, но некому токму тој одговор му се допаѓа! Во медиумите беше пласиран следниот извадок од стручното мислење доставено до Министерството за образование и наука: „Правото на верско образование на учениците во Република Македонија не е право кое им припаѓа на верските објекти, туку е лично и неприкосновено право на секој човек што државата има должност да му го овозможи и да ги обезбеди сите услови за неговото реализирање“. Во врска со ова, најдобронамерно би сакала да изнесам сосема поинакво размислување: Во согласност со амандманот 7 од Уставот, како и во согласност со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (членови 21 и 22), токму црквата, верските заедници и религиозните групи имаат право да основаат верски училишта и да вршат верска поука. Не само што верското образование на граѓаните е право што им припаѓа на верските објекти, туку единствено ним им припаѓа ова право, а не на државните институции.
Толкувањето на една иста законска одредба може да биде повеќезначно, тоа понекогаш е посебен предизвик за секој теоретичар по право, често пати за правилна примена на една норма е потребно длабоко мудрување, но во овој случај работата е кристално чиста, овој пат, два и два едноставно се четири! Правото на верско образование е право, но тоа никако не е и не смее да биде обврска, зашто тогаш станува неправо и се прекршува Уставот. Во Одлуката на Уставниот суд се вели: „Правото да се припаѓа на одредена вера подразбира и право да не се припаѓа на ниедна религија и да не се исповедува нејзиното учење“.
Понатаму, министерот за образование и наука добил насока да го примени член 25 од Законот за основното образование, според кој, „министерот ја утврдува концепцијата за основно воспитание и образование, врз основа на која се донесуваат наставниот план и наставните програми за основно образование“. Препораката што ја добил во стручното мислење е, повикувајќи се на овој член од Законот, „да донесе и наставна програма за религиозно образование како изборен предмет“. Не знам дали на министерот му е укажано дека, сепак, концепцијата и наставниот план, како и наставните програми, мора да бидат во согласност со Уставот и законите. Имаат дејство ерга омнес, тоа правниците одлично знаат што значи.
Ставот дека во концепцијата и во наставните програми може да се стави сето она што ќе го нарача Владата, заобиколувајќи го Законот за основното образование (за да се избегне оцената на Уставниот суд), при постоење на изрична Одлука на Уставниот суд, како и при постоење на уставни одредби кои неколку пати се толкувани од Уставниот суд, поинаку од тврдокорната желба на Владата, претставува газење по тенок мраз, пред се', за самиот министер, како единствено одговорен за донесувањето на таквата концепција и наставни програми. Имено, постоењето правен основ за преземање одредени дејства или носење одредени акти е единствената заштита и ослободување од евентуалната лична одговорност (не зборувам за политичка) на оној кој ги презема дејствата. Во конкретниов случај, доколку министерот донесе концепција и наставни програми, кои се засноваат само на владината пр��грама (наместо на закон), тој себеси се изложува на опасност да употреби дискреционо овластување, кое се наоѓа на граница на законитоста, а со тоа и да ја преземе целата одговорност во свои раце.
Со други зборови, штом Уставниот суд утврдил дека верското образование треба да биде предмет на одлука и делокруг на верските заедници и религиозни групи во рамките на нивната слобода на основање верски училишта, а државата во тој поглед треба да остане неутрална, тоа треба секој да го почитува, пред се', ресорниот министер. Должност на секој советник е да му го каже на налогодавачот и она што тој можеби не сака да го слушне. На пример, дека во Кривичниот закон постои дело „Неизвршување на судска одлука“ и гласи: „Службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Република Македонија, што е должно да ја изврши, ќе се казни со затвор од една до пет години“ (член 377 став 3). Се прашувам, вреди ли човек до степен на понесување кривична одговорност да се жртвува за политички цели, дури и за лични идеали?
(Авторката е доцент на Правен факултет) |