Несложни станари ги потонаа во темница своите згради
Поради неплатени сметки, ЕВН ја исклучи струјата, а соседите не можат да се договорат да соберат пари
Снежана Калабакова
Несложни станари од неколку станбени згради во Чаир останаа со темни влезови откако ЕВН им ја исклучи струјата поради неплатена сметка за заедничка потрошувачка. Сега станарите ноќе се движат по темните ходници како во хорор-филм, па се принудени да користат батериски ламби. Во повисоките згради поради исклучената струја, не функционираат и лифтовите, со што уште повеќе е отежнато качувањето до дома, а за постарите, речиси е целосно оневозможено. Во овие згради сега без светло се и подрумите, па станарите велат дека им е страв да слезат да си земат зимница.
Новиот начин на наплата на заедничката струја во влезовите, кој е во согласност со Законот за домување, ќе остави во темнина уште многу згради. Пред се', зашто несложните станари не можат да се договорат ниту за регистрација на заедница на сопственици ниту, пак, да соберат пари за да се плати сметката за струја. Оние што живеат во колективни станбени згради сега уште повеќе главоболки им задава плаќањето на сметката за заедничка потрошената струја. Некои граѓани сметаат дека ЕВН треба да го врати стариот начин на плаќање на струјата во влезовите на станбените згради за да не се случуваат вакви примери, а други, пак, се за тоа што побрзо да се регистрираат заедниците.
Чаирчанецот Сашо Трпевски вели дека проблемот со струјата е повеќе од сериозен и во случајот со неговата зграда нема решение. Станарите немаат слога и никој не ни помислува да даде пари за заедничката струја. Појаснува дека ниту плаќаат струја ниту, пак, сакаат да се регистрираат како заедница, особено откако уставните судии констатираа дека граѓаните не треба веднаш да бидат казнувани. Решението, според него, е или ЕВН да наплаќа по старо или да заживеат заедниците на сопственици.
Од ЕВН велат дека пред стартот на Законот за домување, на корисниците им бил даден период да се приспособат кон измените со кои нема да се дели заедничката потрошувачка по станови. Воедно, за сите измени ги информирале граѓаните преку летоци што ги дистрибуирале заедно со сметките, потоа со соопштенија, постери, како и при непосредни контакти.
„Законски утврдената мерка исклучување од системот е крајната што ја применува ЕВН во случаите кога корисниците не ги плаќаат навреме своите сметки. Со секоја следна сметка на која корисникот е опоменат дека има неплатен долг за потрошена електрична енергија, веќе се исполнува условот што важи за сите корисници вклучително и зградите“, вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН „Македонија“ и појаснува дека просечната потрошувачка на сите броила во зградите е над 3.000 денари во зависност големината на објектот, бројот на лифтови, топлотни потстаници. |