Прифатилиште за бездомници во Момин Поток
Градот инвестираше 1,4 милиони денари, а словенечки фирми донираа 4.000 евра
Бездомните лица во Скопје, покрај пунктот на Црвениот крст во Момин Поток, добија и прифатилиште. Објектот со површина од 60 квадратни метри е опремен со десет кревети, постелнина, тоалет, кабина за туширање и чајна кујна. Проширувањето на капацитетот е извршено во соработка со Градот, кој учествуваше во опремување и изградба на објектот во вредност од 1,4 милиони денари и со донација од 4.000 евра од страна на неколку словенечки фирми што работат во Македонија. Бездомниците, освен лекарска помош, ќе добиваат и психосоцијална поддршка, а во прифатилиштето ќе можат да останат најмногу пет дена.
„Вториот дел од пунктот за бездомници се наметна како потреба за давање поинаква помош на оваа ранлива категорија граѓани. Отворањето на прифатилиштето финансиски е поддржано од Градот и од словенечки фирми. Поддршка имаме и од Министерството за труд и социјална политика, активистите на Црвениот крст и медиумите“, рече Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Македонија.
Словенечкиот амбасадор во Македонија, Брајан Бергант, истакна дека бездомништвото е тешка животна економска состојба во која лесно можат да се најдат мажи и жени, млади и стари. Тој симболично го предаде чекот од словенечките фирми, додавајќи дека еднократната помош не е доволна.
Градоначалникот Коце Трајановски потенцира дека Градот го нашол вистинскиот партнер во Црвениот крст за отворање еден ваков објект, што е значаен исчекор за прифаќање социјално исклучените граѓани.
Според последните статистики, во Македонија има 129 бездомни лица, од кои дури 109 се во Скопје. (Сн.К.) |