Се запознаа ли Милошоски и Ламбринидис?
Според „Катимерини“, поставувањето на споменикот на Александар е сигнал за тоа каква ќе биде политиката на Скопје спрема Грција во иднина
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Беше ли Луксембург место за прва средба на македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, со новиот грчки колега, Ставрос Ламбринидис? По бурната недела што почна со пристигнувањето на споменикот Воин на коњ, продолжи со политичкиот трилер во Грција околу тоа дали Јоргос Папандреу ќе даде оставка и ќе прогласи предвремени избори, а заврши со формирањето нова грчка влада за која, конечно, ќе се гласа доверба во вторник, новиот грчки министер за надворешни работи, Ламбринидис, веднаш се фрли на работа.
Само еден ден по преземањето на министерското место, на кое досега го гледавме Димитрис Друцас, Ламбринидис замина на средби со државниот врв на Кипар, а вчера и денеска присуствува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, каде што е и македон��киот министер Милошоски. Во состав на посетата на Луксембург, по работната средба на Советот за надворешни работи, на маргините на Самитот тој денеска ќе оствари министерски средби со колегите од државите на ЕУ и од Западен Балкан. Нема информации дали ќе има и средба Милошоски - Ламбринидис.
До вчера се' уште не беше договорена средба меѓу двајцата министри. Од грчкото МНР информираа дека во агендата немаат договорено средба, додека, пак, од македонското МНР ни изјавија дека средбите ќе се договараат на самото место во зависност од агендите. Велат дека ако има можност за средба, секако, би прифатиле затоа што остануваат отворени за секоја добронамерна иницијатива за средба со грчката страна, а во знак на добрососедски односи. Како што информираа од МНР, од македонска страна е испратено барање и се чека грчкиот одговор за средба на двајцата министри на состанокот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Будва.
На исто место во исто време на крајот на неделата ќе се најдат и премиерите на двете држави, Никола Груевски и Јоргос Папандреу. Меѓутоа, се' уште е рано за најави за средба на премиерите.
Во Грција, и покрај политичкиот хаос, сепак, не помина незабележано веста за поставување на споменикот на Александар Македонски во Скопје. „Тешко да сретнете некаде ваква масовна акумулација на национал-патриотизам претставена преку скулптури, лавови, триумфални капии и згради како што е случај во Скопје“, коментира грчкиот весник „Катимерини“ во анализа за споменикот. Според весникот, Груевски започнала и продолжил да ја спроведува политиката на антиквизација на земјата со цел да ги потенцира контроверзните „македонски карактеристики“, а делумно тој план се спроведува преку трансформирање на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје во парк на статуи на националните херои.
Медиумите забележуваат дека, и покрај тоа што споменикот провоцира и отвора голема дебата и во Атина, но и кај меѓународната заедница, сепак, македонскиот премиер не ги напушта своите идеи и планови за проектот „Скопје 2014“ и за скулптурата на Александар. Според анализата на „Катимерини“, поставувањето на скулптурата непосредно по победата на предвремените парламентарни избори е сигнал за тоа каква политика ќе следи во иднина премиерот Груевски во однос на Грција. |