Побрз раст на светската економија
Одржливоста на владините финансии, особено во Грција и кај другите земји во ЕУ, е голема закана за глобалното закрепнување
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги зголеми прогнозите за глобалниот раст за оваа година од 4,2 отсто на 4,6. Се наведува дека светската економија забележа силен раст во првата половина од оваа година, главно, благодарение на енергичниот раст во Азија. Меѓутоа, Велика Британија е речиси единствена земја, која негативно ги ревидираше своите прогнози за 2010 година, додека нејзините прогнози за 2011 година од страна на ММФ се намалени од 2,5 отсто на 2,1. ММФ, исто така, предупреди дека ризиците се зголемени и претрпе неуспех во напредокот кон финансиската стабилност. Развиените економии задржаа умерено, но константно закрепнување во оваа година, соопшти меѓународната агенција.
Загриженоста околу одржливоста на владините финансии во развиениот свет, особено во Грција и кај другите во Европа, се големи закани за глобалното закрепнување, како што посочува ММФ. Уште се наведува дека владите треба да се фокусираат на подобрувањето на своите финансии, но предупредува пребрзо да не прават намалувања.
Во последниве неколку недели одреден број влади воведоа мерки за штедење, за намалување на дефицитот. „Потребна е натамошна уверлива и одлучна политика за продолжување на напредокот на финансиската стабилност и економското закрепнување да се држи на вистинскиот пат“, вели Хозе Виналс, директор на одделот за монетарни и капитални пазари при Фондот.
ММФ соопшти дека европските банки се особено погодени од загриженоста околу владините долгови и со тоа се помалку подготвени меѓусебно да си зајмат. Помалиот број кредити што се на располагање за пошироката економија би можело да го поткопа закрепнувањето. Иако, најверојатно, заразата кон други региони во светот ќе биде ограничена, сепак, постои ризик проблемите на Европа да имаат посуштинско влијание врз глобалниот економски раст.
ММФ значително ги зголеми своите прогнози за 2010 година за Бразил - на 7,1 отсто од 5,5 - како и за источноазиските економии, како на Јужна Кореја и на Тајван. Меѓутоа, растот на Велика Британија беше намален за 1,2 проценти за оваа година, во однос на претходната прогноза од 1,3 проценти. Ова ја направи таа да биде една од неколкуте земји што забележаа намалување на прогнозата за раст за 2010 година, прва прогноза на ММФ по објавувањето на вонредниот буџет на Џорџ Озборн. „ММФ не кажува зошто сега е потешко за Велика Британија“, вели економскиот уредник на Би-Би-Си. „Меѓутоа, убеден сум дека минатомесечниот буџет е причината за тоа“. Агенцијата, исто така, незабележително ги намали своите прогнози за 2010 година за Франција, како и своите прогнози за 2011 година за еврозоната, Јапонија, Кина и за Канада.
Во меѓувреме, во одделен извештај, ММФ апелира до САД да направат повеќе за да се справат со својот буџетски дефицит. „Ја гледаме потребата за поамбициозно регулирање за да се стабилизира долгот, отколку што беше предвидено од страна на властите“, наведува Фондот во својот извештај. Во извештајот се додава дека САД треба да целат кон вишок од 0,75 проценти од БДП до 2015 година, во споредба со проектираниот дефицит од 11 проценти за оваа година, што е Херкулова задача. Агенцијата сугерираше ��олем број опции за зголемување на даноците: намалување во оданочување на кредитите, особено за хипотекарните каматни исплати; поголеми даноци за енергијата; данок за националната потрошувачка (слично на ДДВ); данок за финансиските активности. Исто така, апелираше до Вашингтон да направи многу повеќе за да се справи со проектираниот растечки дефицит во буџетот за социјалната безбедност.
Меѓу разните негативности за американската економија ММФ ги идентификуваше следниве: континуирано слаба потрошувачка; долгорочна невработеност; можен двоен пад на пазарот за домување; неуспехот на стотици мали банки поради загубите во комерцијалните недвижни имоти; заострени финансиски услови, особено за помалите компании; можни последици од европската должничка криза. Извештајот беше полн со пофалби за Банката за федерални резерви, наведувајќи дека американските монетарни власти „успешно се справиле со трговската размена меѓу краткорочната поддршка и среднорочниот кредибилитет“. (Би-Би-Си) |