Формиран Самостоен синдикат на новинарите
Новинарите и медиумските работници од вчера не се сами во борбата за заштита на своите права, тие официјално добија свој синдикат каде што ќе можат да се обратат и кој ќе им понуди правна, но и секаков вид друга помош во случаи на кршење на правата. Од Самостојниот синдикат најавија дека во иднина ќе се посвети внимание на организациската структура на Синдикатот, на зголемување на членството, но и на едукација на членовите.
„Мора да имаме колку што е можно поголем број членови, да добиеме лиценца за репрезентативност, доколку сакаме да станеме релевантен фактор и на таков начин поуспешно да се бориме за заштита на работните права на сите членови“, рече претседателката на Синдикатот, Тамара Чаусидис.
Според неа, бројноста е фактор што ќе овозможи изработка на колективен договор во кој, пак, ќе може да се утврдат минималните права. Битен елемент за Синдикатот е и едукацијата на членовите.
„Ќе се обидеме да го едуцираме членството, но особено ќе посочиме да се внимава какви договори се потпишуваат при вработувањето, бидејќи, во спротивно, доколку се потпише договор на штета на работникот, Синдикатот нема многу да може да помогне“, истакна Драган Антоновски и додаде дека пред да се потпишат договорите, новинарите можат да се обратат за совет до Синдикатот.
Синдикатот на новинарите и на медиумските работници, покрај апелот за помасовно членство, побара и поголема солидарност во фелата, како единствен можен начин да се истрае во битката за почитување на нивните права. Солидарноста е неопходна поради тоа што во Синдикатот заеднички за сите е економскиот интерес, без разлика на политичките убедувања на членовите или разликите по која било друга основа.
Месечната членарина за членство во Синдикатот ќе изнесува 150 денари за вработените на неопределено време, 80 денари за хонорарците и 50 денари за невработените.
Моментно се спроведува он-лајн анкета и, од досегашните резултати, 44 проценти од испитаниците се изјасниле дека не им се уплатуваат придонеси, за половина им се зголемени обврските во однос на она што го потпишале при вработување, а околу 15 проценти при вработувањето потпишале бланко откази. Овие резултати се мотив повеќе за работа и истрајност на Синдикатот во борбата
за правата на новинарите и на медиумските
работници. (МИА) |