Високото образование без стратегија
Авторот и е познат на редакцијата
Добро е што во последно време се отвори темата невработеност и незаконски вработувања, со акцент на високообразовниот кадар и Агенцијата за државни службеници. Низ мала врата на оваа Агенција се вработуваат нечии деца без оглед на способностите и постигнатиот успех во образованието. Околу фактот дека знаењето е најважниот фактор за општествено-економскиот развој не треба многу да се расправа, тоа е, дефинитивно, точно. Соодветно, јасно е дека треба многу да се инвестира во образованието.
Но, како се прави тоа? Нашето образование постојано се реформира, се воведуваат новини, а всушност, станува збор за експериментирање. Па, така, кога ќе се увиди дека тие новини не функционираат, пак се враќаме на старо. Зошто се експериментира толку? Очигледно е дека тоа го прават нестручни кадри. Огромниот број високообразовани невработени, упатува на дејствување без анализа и план. Високото образование како стратегија се форсира премногу, со што се постигна контраефект. Имено, бројот на високообразовните кадри не кореспондира со потребите на општеството, односно со можноста тие кадри да се вработат. Ако во минатото се слушнеше дека некој фалсификувал диплома - тоа општеството, кое порано, сепак, имаше некакви вредносни критериуми, го оценуваше како срамен чин. Денес може да се каже дека голем број дипломи се практично фалсификати, бидејќи на приватните факултети се' купуваат за пари. Потоа, се знае, кој има пари да си купи диплома, ќе си купи и работно место. И така, парите, а не знаењето го движат нашето општество. Но, каде?
|