Студентите ќе мрзнат поради неплатено парно
На некои факултети ќе им биде исклучено греењето доколку не ги платат сметките до крајот на неделава
Снежана Калабакова
Ако студентските домови „Стив Наумов“ во Автокоманда и „Гоце Делчев“ во Тафталиџе не си ги платат сметките за парно, им се заканува исклучување од системот, тврдат претпријатијата за снабдување со топлинска енергија. До крајот на неделава имаат рок за плаќање и Природноматематичкиот, Земјоделскиот и Шумарскиот факултет. Ако и тие не платат, нивните студенти, кои можеби се сместени во некој од студентските домови, ќе мрзнат по цел ден и во студентските соби и во факултетските амфитеатри.
Снабдувачите тврдат дека неделава е последниот рок што им е даден на должниците за плаќање и од него нема да отстапат, бидејќи претходно повеќе пати им биле доставени писмени опомени. Само Студентскиот дом „Стив Наумов“ должи околу 8 милиони денари, а факултетите што должат имаат неплатени сметки од лани, и тоа од февруари до април.
Од „Снабдување - центар“ велат дека ним им должат неколку факултети, но и некои министерства, меѓутоа, одбиваат да кажат кои. Сметаат дека не било принципиелно јавно да се откриваат вакви информации за корисниците. Но, не кријат дека само министерствата му должат 15 милиони денари на ова „Снабдување“. Директорот Ефтим Поцев потенцира дека освен министерствата и факултетите, никој друг не им должи, бидејќи основните и средните училишта ги расчистиле неплатените сметки.
Од „Снабдување - запад“, пак, информираат дека на списокот за исклучување, освен студентскиот дом „Гоце Делчев“, се и десетте основни училишта на територијата на општина Карпош, кои должат за цела мината грејна сезона, освен за јануари. И студентскиот дом и училиштата се во постојана комуникација со „Снабдување“, од каде што велат дека, веројатно, ќе се спасат од мрзнење. Но, од „Запад“ најавуваат дека по 10 декември, ќе ги исклучуваат и оние што не си ги платиле годинашните сметки за октомври.
„Долгот на Студентскиот дом ’Гоце Делчев‘ изнесува 1,5 милиони денари, а должат и сите основни училишта во Карпош. Образложението на градоначалникот Стевчо Јакимовски е дека од Министерството за финансии му направиле пократка проекција за трошоците за греење. Токму затоа сега ќе треба да бара начин од каде да најде пари за да го плати долгот на училиштата“, вели Методија Стојчев, директор на „Снабдување - запад“.
Од општината Карпош информираат дека училиштата должеле 23 милиони денари за парно, но оти општината веќе уплатила 10 милиони денари сопствени средства. Сега се бара начин да се раздолжат за преостанатите 13 милиони денари.
„Имаме фирми што ни должат, но и такви што редовно си ги плаќаат сметките, како што се ’Космофон‘, банките. Немаме проблем ниту со основните и средните училишта, освен со факултетите и Студентскиот дом ’Стив Наумов‘“, вели Никола Ниневски од „Снабдување - исток“. |