Тамбурашки фестивал
Мераклиски викенд со Звонко Богдан и балканските тамбураши
На 4 и 5 септември, во Куманово се случи мал јубилеј на меракот и добрата песна, и тоа сред град, кај споменикот на Батко Ѓорѓија, пред неколку илјади кумановци. Во изминатиот викенд (петок и сабота) се одржа петтото издание на Тамбурашкиот фестивал, кој веќе е традиционална манифестација во културната програма на градот.
За фестивалскиот јубилеј, како ексклузивен гостин, кумановци ја пречекаа ѕвездата на тамбурашката песна и традиција на балканските простори Звонко Богдан и неговите „Седум тамбураши“. Првата фестивалска вечер (4 септември) ја отворија домаќините (и организатори на фестивалот) „Кумановски тамбураши“ со сплет песни од нивниот репертоар во изведба на нивниот шоу-мејкер Нино Величковски. Потоа, со речиси двочасовен концерт со своите песни „Ко те има тај те нема“..., но и неизбежните тамбурашки евергрини „У тем Сомбору“ „Осум тамбураши“, „Фијакер стари“... ги шармираше сите присутни на кумановскиот плоштад, кој не ги испалши ни дождливата временска прогноза, која сепак таа вечер не се оствари.
Програмата и расположението на втората фестивалска вечер (5 септември) го направија тамбурашките состави: „Ѓезме“ од Куманово, традиционалните гости - Големиот тамбурашки оркестар од Бања Лука (Република Српска БиХ), „Бело ромле“ од Нови Сад (Србија), „Црногорски тамбураши“ од Подгорица, и „Дјако“ од Ѓаково (Хрватска).
Фестивалот ни за јубилејот не отстапи од својот ревијален концепт – каде што единствената награда е меракот за публиката и за учесниците. (Ј.П.)
|