Пролетна генералка на градските улици и паркови
Акцијата „Заедно за чисто и зелено Скопје“ ќе трае еден месец и ќе се реализира во сите десет општини
Со расчистување на дел од општинскиот парк во Ѓорче Петров вчера започна големата пролетна акција за чистење на главниот град. Под мотото „Заедно за чисто и зелено Скопје“, градоначалникот Коце Трајановски најави едномесечни интензивни активности во сите десет скопски општини за подигнување ѓубре и шут од јавните површини. Ќе се метат и ќе се мијат улици, ќе се расчистуваат диви депонии, ќе се подигнува сметот од парковите, а во акцијата ќе биде вклучено и средувањето на дворовите на здравствените институции, училиштата и градинките. Во акцијата ќе учествуваат работници од сите градски јавни претпријатија со расположливата механизација, како и општинските сезонци.
Во јуни, според најавата на градоначалникот Трајановски, градските власти планираат со ребаланс на буџетот да ангажираат уште стотина сезонски работници, кои заедно со „Паркови и Зеленило“ и со „Комунална хигиена“ перманентно ќе се грижат за хигиената на градските улици и паркови.
„Со оваа акција сакаме да дадеме значење дека како градоначалници ќе внимаваме и ќе се грижиме во секој дел од општината да се ��држува комуналната хигиена. Сметам дека со ваквиот начин на работа се откриваат одредени аномалии во функционирањето на целокупниот систем, а во исто време се одржува поголема мобилност на сите фактори што учествуваат во проектот“, рече Трајановски.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, ги повика и жителите на неговата општина масовно да се вклучат во акцијата и да расчистат во околината на своите домови, станбени згради, како и во училиштата и во градинките. (С.Н.) |