Матурантите утре ќе танцуваат „квадрил“
На плоштадот „Пела“ и на улицата „11 Октомври“, пред Собранието, утре со почеток во 12 часот по четврти пат ќе се одржи меѓународната манифестација „Матурска парада 2010“. Годинава над 800 матуранти од Скопје заедно со своите врсници од другите градови во Македонија и во Европа ќе се обидат да постават нов Гинисов рекорд во бројот на вклучени учесници во синхронизираното танцување „квадрил“. Во парадата ќе учествуваат матурантите од 15 средни училишта од Скопје, кои истовремено ќе танцуваат со врсниците од Кавадарци, Струга и од Велес. Во играњето на танцот „квадрил“, освен од Македонија, ќе учествуваат и матуранти од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија и Албанија. И оваа година учесниците на парадата пред одигрувањето на танцот ќе положат заклетва за ненасилство. „Матурска парада 2010“ се одржува под покровителство на Градот Скопје, со поддршка на Канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ, а во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и танцовиот клуб „Ритам плус“.
За време на одржувањето на манифестацијата ќе бидат затворени дел од улиците во центарот. Од 9 до 13 часот нема да се сообраќа на потегот од „Палома бјанка“ до раскрсницата кај Црвен крст, а ќе бидат пренасочени и автобуските линии што минуваат низ центарот. (С.Н.) |