Карпош подготвена да управува со градежната земја
Од утре општините треба да ги преземат ингеренциите, но само 48 исполниле само еден услов
Билјана Ангеловска
Карпош е единствената општина што е целосно подготвена од утре да ги преземе ингеренциите околу управување со градежното земјиште во државна сопственост. Другите општини се' уште не ќе можат да го сторат тоа. Утре истекува рокот во кој тие требаше да ги исполнат критериумите предвидени со Законот за градежно земјиште за да можат во иднина да имаат ингеренции над државната земја. Но, од Министерството за транспорт и врски велат дека општините не ги исполниле сите услови, поради што управувањето со земјиштето во некои општини уште извесен период ќе остане под државна капа.
Сепак, и оние локални самоуправи кои ги исполниле условите не ќе можат да располагаат со земјиштето веќе од утре. Трансфер на надлежностите ќе се направи по конституирањето на новата влада. Од Министерството појаснуваат дека тоа е така поради Законот за спречување на корупцијата кој не дозволува да се располага со друг имот додека работи техничка влада.
Од Општината Карпош велат дека тие ги исполниле сите критериуми зацртани со Законот и преку Министерството ќе се обратат до Комитетот за градежно земјиште надлежноста во управувањето со државната земја да и' биде дадена на Општината.
„Ги исполнивме сите услови. Први изготвивме Програма за управување со земјиштето, формиравме комисија која ќе ги спроведува постапките за јавно наддавање, а четворица државни службеници во Општината добија овластувања за водење на постапките. Воспоставен е и електронскиот систем за јавно наддавање. Нема никакви пречки да ја преземеме надлежноста врз државното градежно земјиште“, вели градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Грубите пресметки говорат дека Општината Карпош ќе располага со околу 100 хектари атрактивно градежно земјиште. Општинарите очекуваат важни инвеститори да покажат голем интерес за парцели кои се наоѓаат во дел од некогашната касарна „Илинден“, во Бардовци, во Тафталиџе, покрај улицата „Иво Рибар Лола“ и на други интересни локации.
Од Министерството за транспорт информираа дека вкупно 48 општини го имаат исполнето првиот законски услов што се однесува на обезбедување потребен број вработени во општината со овластувања за водење постапка за отуѓување и давање под закуп на државното градежно земјиште. По спроведените обуки и испитувања, 192 службеници вработени во единиците на локалната самоуправа се стекнале со овластување. Тие можат да ги водат постапките со земјиштето по пат на електронско јавно наддавање.
„Исполнет е административниот капацитет на вкупно 48 општини, што претставува прв од четирите услови предвидени во Законот за градежно земјиште“, велат од Министерството.
Меѓу општините што го исполниле овој услов покрај Карпош, се и Аеродром, Гази Баба, Сарај, Кисела Вода, Куманово, Илинден, Битола, Струмица, Гевгелија, Охрид, Штип, Кавадарци, Велес.
Општините и Градот Скопје, за да управуваат со земјиштето треба да имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа која ќе се однесува на располагањето со градежното земјиште, потребниот број вработени со овластување, потоа да имаат формирано Комисија за спроведување на постапките за јавно наддавање и воспоставено електронски систем за јавно наддавање на градежно земјиште.
Бројот на овластени вработени лица зависи од бројот на жители во општината. По двајца лиценцирани службеници се предвидени за општините во кои живеат до 20.000 жители, во оние со 40.000 жители три лица, по четворица овластени службеници треба да има во општините во кои бројот на жители е до 80.000, додека пет лица се задолжителни за општините со над 80.000 жители. |