Падот на кредитирањето ги преполови профитите на банките
Најголем дел од добивките за лани банките ги издвојуваат за резерви, што значи дека тие се' уште многу се плашат од кризата
Соња Маџовска
Драматично им се намалени ланските добивки на најголемите македонски банки, за разлика од 2008 година кога книжеа фантастични профити.
Намалената економска активност што доведе до рекорден пад на кредитирањето во земјава им ги преполови профитите на банките. Во финансиските извештаи на банките се позитивни само салдата од приходите од каматите. По оваа основа приходите на сите банки за 2009 година изнесувал околу 300 милиони евра, но сличен е износот и на ненаплатените побарувања. Експертите предупредуваат дека банките се' уште се плашат од ризични пласмани, и затоа значаен дел од ланските профити го издвојуваат за резерви.
Банките тактизираат и за падот на каматите и за зголемување на кредитирањето. Тие чекаат стопанството да почне да покажува раст, но сакаат да видат и на каков начин годинава државата ќе се задолжи во странство. Според експертите, само аранжман со ММФ ќе ги ослободи од стегите и централната банка и комерцијалните банки, со што ќе паднат и каматите, додека задолжувањето со еврообвзрница нема да донесе пад на каматите.
Имено, пред одржувањето на годишните собранија овој месец, банките почнаа да ги обелоденуваат резултатите за сработеното во 2009 година, а според првичните податоци, најголемите банки и натаму имаат највисоки профити.
Комерцијална банка најдобро се држи. Оваа банка објави дека 2009 година ја завршила со бруто и нето-добивка од речиси 17,5 милиони евра, односно 1.074 милиони денари. Добивката ја потврдија акционерите на банката на годишното Собрание. Акционерите одлучија 11 милиони евра да издвојат како резерви. Стопанска банка бележи најголем пад во профитот. Ако во 2008 година добивката на оваа банка малку над 22 милиона евра, лани ја завршила со двојно помала добивка од 12 милиони евра. И оваа банка значен дел од добивката има издвоено за резерви. Ако лани нето-резервите изнесувале 11,4 милиони евра, за годинава банката издвоила 17 милиони евра.
И НЛБ Тутунска банка се подготвува за Акционерско собрание, но откриваат дека ланската добивка пред оданочување изнесува 7,1 милион евра, додека за 2008 година таа беше 11 милиони евра. Од оваа банка објаснуваат дека намалениот профит е резултат на резервите што ги издвоила Тутунска како обезбедување на потенцијалните ризици за оваа година. Охридска банка, пак, бележи бруто-добивка од 500 илјади евра.
Издвојувањето на големи суми за обезбедување на ненаплатените побарувања, говори дека банките се уште се многу исплашени од тоа како компаниите ги преживуваат последиците од кризата. Затоа банките и не влегуваат во похрабра поддршка на стопанството и даваат кредити само за сигурни компании и издржани проекти.
Ако се гледа на ниво на цело стопанство, банките и натаму се најпрофитабилни, велат експертите. „Банките се' уште имаат големи ризици. Затоа тие парите ги пласираат во записи, а не кај компаниите што имаат намалено производство, намален извоз, продажба. Банките ги поддржуваат само компаниите со кои досега соработувале и се сигурни дека навреме ќе го отплаќаат заемот. Ризици од кризата се' уште постојат. Банките сега чекаат. Депозитите веќе нема да се зголемуваат. Но, банките ќе мора да ја пласираат високата ликвидност. Мора уште да паднат каматите на благајничките записи и на државните записи за да се намали интересот на банките за пласирање на парите во овие инструменти. Народна банка на Македонија се плаши повеќе да ги намали каматите за да не ја поттикне појако потрошувачката. Сега сите чекаат сигнал од Владата, дали таа ќе се задолжува со еврообврзница или со аранжман со ММФ. Доколку дојде до аранжман, тогаш и НБМ ќе се олабави, но и банките ќе ги намалат каматите. Но, со задолжување преку еврообврзница, нема да се намалат каматите“, вели аналитичарот Рубинчо Зарески. |