За тетовската економска зона постои само име
Поставениот рок од 12 месеци веќе никој не очекува да се оствари. Сега се зборува за поинакви рокови од три и повеќе години
Гојко Ефтовски
ТЕТОВО - Ниту нешто е видливо, ниту се работи на местото каде што требаше да се подигне полошката слободна економска зона. Таму каде што на 18 мај годинава премиерот Никола Груевски официјално ги прогласи за почнати инфраструктурните работи има само еден прокопан канал со поставена цевка, но незатрупана, која е најверојатно за атмосферска канализација. На другата страна од магистралата на зоната деновиве имаше еден багер и четворица работници на „Маврово инженеринг“, кои ги ископачуваа дрвата на левиот брег од реката Пена, преку која пред селото Сараќино треба да се изгради мост. Магистралниот пат на зоната, во должина од два километри, проектиран е низ средината, а само е означен. На него практично ништо ниту е изработено ниту се работи. Единствено што е направено е ископачени се родните дрвја од вишни.
Кај месноста Студена Вода, во непосредна близина на селото Сараќино и комплексот „Петро компани“, во површина од 96,74 хектари беше проектирана полошката индустриска развојна зона. Во почетокот на инфраструктурните работи од премиерот Груевски, министерот Фатмир Бесими и тогашниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Марјан Јованов, на насобраните им зборуваа за тоа дека на овој простор од 27 блокови ќе се изградат 35 фабрики или производни погони и дека работа ќе најдат седум до десет илјади работници.
Зоната е предвидено да се гради како јавна државна зона во која Владата се јавува како регулатор, инвеститор и оператор. Во првата фаза на работите планирано беше да се изгради сообраќајна инфраструктура, водовод и канализација, електрична мрежа за што Владата требаше да обезбеди 5,7 милиони евра. Во изминатите шест месеци видно е дека се ветувала заблуда. Поставениот рок од 12 месеци веќе никој не очекува да се оствари. Сега се зборува за поинакви рокови од три години, а можеби и повеќе.
За тетовската слободна економска зона беше речено дека изборот бил направен поради сообраќајната поврзаност со Коридорот 8, близината на скопскиот аеродром, можноста за поврзување на инфраструктурните водови за снабдување со енергија, телекомуникации и системот за снабдување со гас, поволните услови за изградба на самостоен водоснабдителен систем и близината на двата полошки града. Дека слободната зона ќе претставува економски бум и голем интерес кај странските инвеститори се тврдеше дека „уште во подготвителниот период за објавување јавен повик шест странски компании најавиле влез во зоната“. Се спомнуваа Стопанската комора „Мусијат“ од Турција, „Сан-мес-дарк“ од Норвешка, заеднички конзорциум на САД и Хонгконг, заедничка американско-индиска компанија и други. Иако домашни фирми не се споменуваат, во Стопанската комора за западниот дел на Македонија ни рекоа дека имало заинтересирани. „Меѓутоа, таму работите не се одвиваат со планирана динамика. Откако се фрли првата лопата не се знае зошто работите се закочија и зошто ништо не се работи, а како што дознаваме не се решени сите имотно-правни работи“, велат во Комората.
Претседателот на Полошкиот плански регион, Фатмир Изаири, инаку градоначалник на Општина Желино, ни рече дека имало интерес кај граѓаните на неговата општина заради тоа што зоната е најблиску до нив. „Се надеваат на отворање производни погони и вработувања“, вели Изаири. Тој не сакаше да коментира што се случува околу застојот на работите. Како што дознаваме сепак имало одлука за пролонгирање плаќање на трошоците за инфраструктурата за период од една година. Сигурно тука и се кријат причините за застојот.
Асип Усеини, заменик-директор на Дирекцијата за ПИРЗ на Македонија, сепак, е оптимист. „Како се обезбедуваат финансиски средства така се изведуваат работите. Нема застој. Има само помало ангажирање на работна сила. Се работи на земјени работи на главната магистрала. Паралелно работиме на избор на моделите за менаџирање со интенција да повлечеме колку е можно повеќе инвеститори“, вели Изеири.
Жителите на блиското Сараќино, пак, со недоверба гледаат кон сето ова. Тие сметаат дека за зоната е определен најплодниот дел на Полог. „Ова е многу плодно земјиште, што и да се посее го бидува. Штета што зоната не е на друга локација, а овде да се работеше на интензивно земјоделско производство“, вели Љубе Ѓеровски, претседател на МЗ „Сараќино“. |