Пандев „амбасадор на мирот“
Горан Пандев му асистираше на Стефано Еранио за вториот гол со Ирак
Горан Пандев беше дел од хуманитарен фудбалски натпревар во вторникот вечерта во Милано. Нашиот репрезентативец настапи во тимот „Амбасадори на мирот“ во дуелот насловен како „Гол за мир“ против селекцијата на Ирак. „Светските амбасадори“ победија со 2:1, а Пандев не успеа да поентира иако имаше две одлични прилики. На тревникот мина едно полувреме (првото) и беше асистент на Стефано Еранио при постигнувањето на вториот погодок на „амбасадорите“ во 25 мин. Еранио се впиша меѓу стрелците и во 13 мин., а голот за Ирачаните го даде Мохамед во 40 мин.
Објективно Пандев и неговиот соиграч од Лацио, Томазо Роки, беа најголеми звезди на тревникот. Покрај нив играа уште и двојниот стрелец Еранио, Валериј Карпин, Ди Бјаџо... Тимот првично беше замислен како Ирак против остатокот на светот за кој требаше да играат еден Роналдињо, Малдини, Матераци, Кака, Меси, Раул, Тоти, но сите тие, иако го најавија своето присуство на „Сан Сиро“, во полседен момент се предомислија и го откажаа настапот во Милано, па и тимот во последен момент беше преименуван од тимот на светот во „Амбасадори на мирот“.
Покровители на овој традиционален настан се миланските фудбалски моќници Силвио Берлускони и Масимо Морати. |