Ќе заиграат лопатите за барокната катна гаража
Се бара фирма што ќе го изгради објектот, според првичните процени, вреден околу 7 милиони евра
Деспина Трајковска
Веќе нема дилеми. И деветкатната барокна катна гаража, еден од најоспоруваните објекти што треба да никнат во срцето на Скопје, ќе се гради. Ниту острите критики во јавноста ниту, пак, негативните коментари првенствено поради изгледот, но и локацијата за објектот, не беа пречка Јавното станбено претпријатие да бара фирма што ќе го изгради.
Надлежните очекуваат дека до Нова година ќе склучат договор со изведувачот, а најдоцна до февруари да бидат удрени и темелите на катната гаража. Во меѓувреме ќе бараат и фирма што ќе го реализира системот за автоматско паркирање, а ќе земат и кредит за проектот, кој, според првичните процени, ќе биде тежок до 7 милиони евра.
Предвидено е катната гаража, дефинитивно, уникатен објект за паркирање во регионов, пред се', поради фасадата, да се распостели на 10.000 квадрати на просторот на постојното зеленило меѓу МЕПСО и „Македонска пошта“. Ќе биде изградена од бетонски столбови и стакло, со капацитет за паркирање од најмалку 315 места. Во гаражата ќе има и деловен простор, односно, три бутици, интернет-кафе, кафе-бар, простор за други угостителски дејности... За комерцијалните содржини ќе бидат резервирани приземјето и првите два ката, додека за паркирање, вкупно десет, и тоа две подземни нивоа и останатите катови.
Владимир Бахчовановски, директор на ЈПССДП, смета дека објектот ќе се „оправда“ пред јавноста кога ќе биде изграден, како функционално, така и од естетски аспект.
„Сметам дека тој идеално ќе се вклопи во средината каде што, генерално, се градат објекти со стилски фасади, а функционалноста ќе ја докаже за кусо време, оти значително ќе го ублажи недостигот од паркинг-места во срцето на градот. Објектот, иако со ‘старински‘ изглед, сепак, ќе биде современ внатре, исто како и начинот на паркирање, кое ќе биде автоматско и прво од таков вид во градов“, вели Бахчовановски и потенцира дека изведувачот ќе има обврска да го изгради објектот во рок од 18 месеци од почетокот на градежните работи.
Оваа гаража е една од четирите што планира да ги гради ЈПССДП. До крајот на годинава се очекува да завршат постапките за изработка на проекти за останатите три објекти, кои ќе имаат модерни, стаклени фасади. И во нив ќе има најмалку по еден кат наменет за деловен простор. Едната катна гаража ќе се гради кај Работнички дом и во неа е планирано да се пресели ЈПССДП, друга ќе има кај „Телеком“ и една од левата страна на Вардар, до Музејот на холокаустот. Според процените на Јавното станбено претпријатие, изградбата на сите четири објекти нема да чини повеќе од 30 милиони евра.
Инаку, локациите на кои е предвидена изградбата, ЈПССДП ги доби бесплатно од државата. Тие беа дел од вкупно шесте наменски парцели, кои првично требаше да се продаваат, но Владата во меѓувреме се премисли. Четири гратис-парцели доби ЈПССДП, а Градот Скопје само две. |