Легендата Мишелин Пресл во Карлови Вари
Необичниот полудокументарен филм „Хитлер во Холивуд“ го претставија двете дами на кои им е посветен, Пресл и Марија де Медеирос
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАРЛОВИ ВАРИ - Португалската актерка Марија де Медеирос дојде во Карлови Вари заедно со француската легенда Мишелин Пресл (1922) за да го претстават филмот „Хитлер во Холивуд“ на Фредерик Сојхер, кој е вклучен во главната натпреварувачка програма. Интересно е дека станува збор за многу необичен филм, полудокументарен, во кој режисерот и филмски теоретичар Сојхер си поигрува со тајните околу загубените филмови, но и со истражувањата околу европскиот уметнички филм и прашањето дали тој можеби е жртва на некаков холивудски заговор. Марија де Медеирос, позната најмногу по својата улога во „Евтини приказни“, во филмот работи на документарец за познатата филмска ѕвезда Мишелин Пресл, чија кариера почнува во 1930 година.
Она што е особено во овој филм е што сите познати филмски ѕвезди се играат самите себе, односно Сојхер се користи со она што е препознатливо за нив и создава одредени карактери. Така, на пример, се вели дека улогата на Де Медеирос е направена токму врз основа на нејзиниот нескротлив карактер. Додека таа вели дека нејзиниот лик го има нејзиното име и има делови од неа, но дека сите тие понатаму стануваат свои ликови.
Истражувајќи ја кариерата на Мишелин Пресл таа доаѓа до името на Луис Арамчек „Не те сакам“ од 1939 година, кој поради војната не се прикажал никогаш. Така започнува една возбудлива потрага низ филмските архиви поточно откривајќи ги заборавените европски филмови, а понекогаш и заговорите, измислени или вистински. Филмот се потпира на вистинската приказна за Мишелин Пресл, но во него се појавуваат многу познати режисери и филмски ѕвезди, меѓу кои се Натали Беј, Ханс Мејер, Ариел Домбасл, но и ќерката на Пресл, позната актерка, сценарист и режисер Тони Маршал.
Всушност, „Хитлер во Холивуд“ е полуфикција, полуреалност. На прашањето до Мишелин Пресл како ја прифатила оваа идеја, таа рече дека и било предизвик да се игра себеси, но дека оваа приказна не и' припаѓа на неа. Во филмот на Сојхер таа се чувствува како цртан лик. Како што вели, тоа е фикција и таа тоа никогаш не го искусила во животот, но филмот и овозможил сето тоа да го искуси во него.
Мишелин Пресл интернационалната публика ја памети најмногу по култниот филм „Ѓавол во телото“ од 1947 година на Клод-Аутант Лара, кој во тоа време ги уриваше табуата. „Ѓавол во телото“, во кој на Пресл и е партнер Жерар Филипе, во нејзина чест, беше прикажан во Карлови Вари. Но, мора да кажеме дека оваа 88-годишна дама беше навистина многу воздржана во одговорите. Токму на прашањата околу филмот „Ѓавол во телото“, во кој една возрасна жена спие со 16-годишно момче, таа зборуваше дека напишала автобиографија и дека во неа има се'.
Инаку, Пресл има снимено над 200 филма во Франција и во Америка. Но, во Америка таа нема да се најде и трудна во петти месец ќе се одлучи да замине од Холивуд и да го прекине снимањето на филмот „Пет прсти“ на познатиот режисер Џозеф Манкиевич. Но, ни за тоа искуство не сакаше да зборува, велејќи дека тоа е нејзин личен живот. Единствено рече дека кога се вратила во Франција дури тогаш се соочила со катастрофа, бидејќи никој не бил заинтересиран за жената која се вљубила во друг и го напуштила мажот. Но, потоа дошол францускиот нов бран и се' се изменило. Следуваа уште стотина улоги, а во 2004 го доби и почесниот „Цезар“.
Годинешниот 45. Фестивал во Карлови Вари заврш��ва денеска. Факт е дека е невозможно да кажеме макар и дел од сето она што таму се случуваше, бидејќи овој чешки фестивал е навистина исклучително богат, со филмови, со гости, со настани. Наградите „Кристален глобус“ ќе бидат доделени вечерва, но она по што се издвојува ова издание е дека годинава главната програма беше доста силна. Покрај чешкиот „Три сезони во пекол“, аргентинскиот „Брат и сестра“, како и белгиско-францускиот „Хитлер во Холивуд“, големо внимание привлекоа и францускиот трилер „Слатко зло“ на Оливие Кусемак, направен под големо влијание на Хичкок и рускиот „Друго небо“ на Дмитри Мамулија, кој на интересен начин прави паралела меѓу узбекистанските степи и животот во Москва. Како еден од фаворитите се смета и хрватскиот филм „Нека остане меѓу нас“ на Рајко Грлиќ, во ��ој познатиот југословенски режисер и ученик на ФАМУ, на интересен начин се осврнува на односите во бракот, поставувајќи многу прашања во кои можеме да се пронајдеме сите. Токму поради тоа филмот имаше одличен прием и од публиката и од критиката.
Но, и во другите програми, а особено во „Друг поглед“, „Форум на независни“, но и во „Источно од Запад“ годинава имаше многу провокативни остварувања. Германскиот филм „Пико“ на Филип Кох е една вознемирувачка, темна затворска драма која е дотолку потешка што се одвива во казнена институција за млади. Но, психичкото и физичко насилство кое се одвива меѓу самите затвореници и кое кулминира на неверојатно мачен начин, е така направено што е невозможно да се поднесе. А згора на се', станува збор за вистински настан. Би ја издвоиле и надреалната естонска приказна насловена „Искушението на св. Тони“ на Ваико Оунпу, која донесе една црно-бела, апсурдна, но вознемирувачка сторија за денешнината и за сопствените граници и искушенија. Големо беше интересирањето и за филмовите на Јасмила Жбаниќ „На патот“, како и за „Меден месец“ на Горан Паскаљевиќ, а добар прием имаше и босанскиот „Напуштени“ на Адис Бакраќ, кој повторно ја третира темата за децата родени како плод на силувања.
На крајот во Карлови Вари треба да пристигне и познатиот руски режисер и актер Никита Михалков, кој ќе го прими „Кристалниот глобус“ за исклучителен придонес кон светскиот филм и ќе го претстави својот нов филм „Изгорени од сонцето: Егзодус“. А фестивалот се затвора со филмот „Срцекршач“ на Паскал Шаумел, во кој играат Ванеса Парадис и Ромаин Дурис. Инаку, оваа романтична комедија прави еден вид почест на незаборавниот „Валкан танц“. |