Руската црква го избрка епископот - расколник

Синодот на РПЦ му ја одзеде титулата на епископот кој јавно го нападна патријархот и дијалог со католиците
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Синодот на Руската православна црква го лиши од титула епископот Диомид, кој досега раководеше со Анадирско-чукотската епархија. Доскорешниот епископ пред тоа беше остро критикуван на Архијерејскиот сабор во јуни 2008 година. Од Диомид беше побарано да се покае, но тој не го направи тоа, па остана без епархија и титула епископ. Тој дури не сакаше да дојде во Москва и да се состане со патријархот Алексиј Втори. Очигледно Диомид знаел дека ќе му биде одземена епархијата, па не сакаше да се појави на заседанието на Светиот синод, туку испрати кратко писмо во кое повторно ги напаѓа другите хиерархии.
Додека траеше заседанието на Синодот, приврзаниците на Диомид организираа демонстрации пред резиденцијата на патријархот во поширокиот центар на Москва. Тие знаеја дека Синодот ќе заседава во Светоданиловскиот манастир, односно во друг дел во градот, но им требаа „викотници во центарот на градот“. Секретарот за печатот на Московската патријаршија Владимир Вигиљански изјави дека Диомид самиот се ставил во непријатна ситуација, бидејќи не сакал да дојде на разговор, туку решил да пишува критички написи преку Интернет.
Во РПЦ велат дека тоа што Диомид, чие вистинско име е Сергеј Џјубан, остана без титула епископ не значи дека е анатемисан и не е исклучен од црквата. Вигиљански објаснува дека Диомид како монах може да му се моли на Господ во кој било манастир што ќе сака да го прими, но и да бара простување од своите браќа. Малиот број луѓе што ги поддржуваат ставовите на Диомид сметаат дека црковниот врв би требало да биде поотворен за дијалог. Во текот на 2007 година, Диомид на својата веб-страница објави обраќање до сите верници, напаѓајќи го сегашниот руски патријарх и другите членови на Синодот, кои ги прогласи за „еретици и екуменисти“. На Диомид му пречи тоа што во врвот на РПЦ сметаат дека треба да дојде до зближување и соработка на сите христијански конфесии. Во РПЦ истакнуваат дека е многу интересно тоа што Диомид го поддржуваат оние новинари на кои, всушност, им пречи единството на Православната црква, па се стекнува впечаток дека Диомид добил задача да се обиде да направи раскол во РПЦ. Претставниците на московската патријаршија објаснуваат дека во повеќенационална Русија би било многу опасно да се влегува во судир со други конфесии, како што се залага Диомид.
Што се однесува до „големата осумка“, во која учествува и претседателот на Русија, Диомид напиша дека „тоа е орган на масонско раководство што подготвува доаѓање на еден лидер во светот кој ќе биде антихрист“. Диомид повика православните верници да не користат мобилни телефони. Посебно формираната комисија на Рускиот синод оцени дека Диомид го сквернави авторитетот на РПЦ и провоцира раскол во црквата. Доскорешниот епископ е обвинет за екстремизам што ја турка црквата во судир со други конфесии. Наместо Диомид, на Чукотка замина епископот Марк. |