Граѓаните не се овци за стрижење
Тома Гуле
На неодамнешната конференција за информативните медиуми на заменик-претседателот на Владата на РМ, Владимир Пешевски, министерот за економија, Фатмир Бесими, и претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Гинтер Офнер, беше соопштено дека дошло до помирување меѓу Владата и ЕВН, и притоа се договориле собраната наплата на 33,33 отсто со сметките за струја да се дели меѓу трите субјекти во енергетскиот бизнис: ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО!
Да потсетиме: согласно со Уставот на РМ, само Собранието на РМ има исклучителна надлежност со закон да пропише јавна давачка, а Регулаторната комисија за енергетика на 29 октомври 2008 година донела Одлука за престанување на важење на одлуката (од 12 март 2007 год.) за одобрување на тарифите за снабдување со електрична енергија и моќност.
Значи, согласно со постојната регулатива, ЕВН незаконски им наплаќа на граѓаните и на правните лица 33,33 отсто за ангажирана моќност со месечните фактури за струја, и 18 отсто данок на додадена вредност врз тој износ, и на тој начин остварува секој месец дополнителни десетици милиони евра.
Веројатно, свесни за незаконската давачка, во ЕВН измислија нов начин на фактурирање на оваа давачка, сметано од мај 2010 година. Сега во новите фактури се прикажува таа незаконска давачка во една ставка: потрошена електрична енергија и моќност (даночна основица), а во деталните информации е издвоена.
Веројатно, осоколени од помирувањето со Владата на РМ, ЕВН со новите фактури од мај 2010 година востановува уште една незаконска давачка на непостоен правен субјект во станбените згради. Во нашата зграда со 20 сопственици на посебни делови, на сите во сметките за потрошена електрична енергија заклучно со април им беше посебно пресметан надомест за заедничка потрошувачка (на куќниот совет), без 18 отсто данок на додадена вредност. А од мај 2010 година наваму фактурите се доставуваат на адресата за кореспонденција СКАЛИЛА за потрошена електрична енергија и моќност (даночна основица), плус данок на додадена вредност 18 отсто и комунална такса за јавно осветлување!!!
Незаконието е во тоа што новоформираната Заедница на сопственици (од 23.7.2010 год.) има заклучок да не склучува спогодба со ЕВН (како што стоеше во нивната информација, повикувајќи се на Законот за домување) за ваков начин на наплата за заедничката потрошувачка на електрична енергија, туку ЕВН и натаму, како до мај 2010 год., да ја дели на сите станови.
Верувам дека нема поголем апсурд СКАЛИЛАТА во станбените згради да се третираат како правен субјект и СКАЛИЛАТА да се задолжуваат со комунална такса за јавно осветлување (на улиците), покрај таквата давачка на сите 20 сопственици на станови.
За крај, прашуваме дали некој поединец, граѓанин на РМ ја оспорил пред Уставен суд на РМ таа незаконска давачка?
А на ЕВН и' порачуваме: сите македонски граѓани не се овци за стрижење! |