Нормализирана наставата во Прељубиште
Наставата беше прекината поради заканите на група Албанци од Шемшово
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Наставата во заедничкото интегрирано двојазично училиште во тетовско Прељубиште вчера е нормализирана. На часови беа сите деца од албанска заедница од прво и од второ одделение (вкупно 21), освен едно за кое родителот пријавил дека е на лекарски преглед во Скопје и сите ученици Македонци. И наставничките беа на работните места.
Сашо Стојковски од НВО „Нансен дијалог центар“ од Скопје, координатор на проектот на училиштето во Прељубиште, тврди дека децата од албанска заедница не биле на настава само во петокот и тоа како превентивна мерка поради некакви закани и предупредувања од група Албанци од Шемшово.
„Станува збор за различни ставови во однос на тоа дали децата да учат интегрирано или сегрегатно. Вториот концепт се виде дека не води кон ништо. Создава раздор и натамошни поделби. Ние го јакнеме централното училиште и му го подобруваме статусот“, вели Сашо Стојковски.
Неговиот соработник од истата НВО, Ветон Зеколи, додава дека работата на училиштето во Прељубиште е со целосна поддршка од институциите на системот, наведувајќи го Министерството за образование, вицепремиерот во Владата за Рамковен договор, градоначалникот на општина Јегуновце и родителите на децата кои на почетокот на учебната година потпишале изјава дека се согласуваат тука да учат.
Беким Нухиу, домаќин во училиштето, инаку жител на Шемшово, вели дека случувањата во подрачното училиште во Прељубиште ги смета како одраз на недоразбирањата и стравување да не се намали функцијата на централното училиште во Шемшово. Проблемот го иницирал Советот на МЗ „Шемшово“, кој бил во фаза на реизбор. Дали од причини да се добијат поени или нешто друго, организирале собир на граѓани во Шемшово уште на 18 септември. Притоа навеле дека не биле консултирани за заедничкото училиште во Прељубиште и побарале децата од албанска националност повеќе да не ги пуштаат на училиште. Тие сметале дека со училиштето во Прељубиште ќе згасне она во Шемшово или од централно ќе биде сведено на подрачно. На овој собир родителите јасно ставиле до знаење дека тие одлучуваат за своите деца и за тоа каде ќе се школуваат, а потоа го напуштиле собирот. И не само тоа, родителите и не ги повлекле веќе дадените изјави дека се согласуваат со посета на настава во заедничкото училиште. Оние што биле со спротивни мислења се послужиле и со името на вицепремиерот Абдулаќим Адеми, инаку жител на Шемшово, дека две деца од неговото пошироко семејство вклучени во проектот не оделе на настава. Вчера на самото место се уверивме во спротивното.
Собирот што се одржа во петокот, пак, на кој биле педесетина ученици од прво до осмо одделение во Шемшово, сите од албанска националност, со родителите, значел и протест против училиштето во Прељубиште. Организаторите со две возила го блокирале сообраќајот кон Жилче и Сириќино. Страстите се смириле по настапот на градоначалникот на општина Јегуновце, Тони Коцевски, како и екипата на ОБСЕ, кога биле разјаснети сите недоразбирања. За заедничкото дружење и меѓусебното разбирање вчера зборуваа децата - Арфим и Александар, Роберт и Игор, но и Сара, Македонка од Жилче, и Сара, Албанка од Шемшово. Тие сакаат да учат заедно и не ги разбираат игрите и намерите на возрасните. Нивните учителки тврдат дека децата од различни етникуми се' повеќе соработуваат и комуницираат меѓу себе. Зборуваат на свој јазик, но целосно се разбираат верувајќи на сопствената максима што ја испишале на таблата во ходникот на училиштето „Можеби сме риби од различен вид, но во ова училиште пливаме заедно“. |