Никој не знае зошто го снемува велешкото езеро
Велешани се плашат од нова еколошка катастрофа и наместо прекрасно место да добијат мочуриште
ВЕЛЕС - Газдите на веќе изградените објекти околу велешкото езеро ,,Младост“ бараат надлежните институции што поскоро да откријат зошто исчезнува водата од езерото и каде се губи. Велат дека доколку го снема езерото ќе ги снема и нивните бизниси во кои вложиле многу.
,,Сопствениците на ’Романтик‘ го изградија хотелот на брегот на велешкото езеро зошто токму тука има извонредна клима, езерото дава чувство на смиреност и релаксација. Доколку го снема него, ќе го снема и нашиот бизнис, во кој инвестиравме многу“, вели Славче Ефтов, менаџер на хотелот ,,Романтик“. Велешкото езеро се наоѓа во централниот дел на државата и од развоен аспект има огромен потенцијал. Во близина на езерото веќе се гради новата сателитска населба, а државата распишува и конкурси за изградба на нови хотели, мотели и автокамп, па токму поради тоа и мора да се грижи за езерото, сметаат бизнисмените.
Велешани се плашат да не им се случи нова еколошка катастрофа и наместо прекрасно место, покрај кое уживаат, да добијат пресушено мочуриште. Еколошкото друштво ,,Вила зора“ предупреди дека надлежните што поскоро мора да откријат каде се губи водата.
,,Се плашиме дека по одреден број години езерото може да исчезне и од него да има само едно мочуриште од кое сите ќе бидеме засрамени“, вели Ненад Коциќ, претседател на ЕД ,,Вила зора“. Веќе побараа да се формира национален експертски тим кој треба да открие каде исчезнува водата.
Граѓаните и невладините организации се загрижени оти се намалува водостојот на езерото ,,Младост“ во зимскиот период. Велат дека се свесни оти може да паѓа нивото на езерото во летниот период, кога се наводнуваат околните лозја и испарува езерото, но сега тоа е невозможно. Рибарите бараат во вакви услови да се заштити рибата што се наоѓа во езерото, оти можно е таа да изумре. Камперите кои престојуваат на „Младост“ коментираат дека ова се случувало подолг период, но дека годинава драстично се намалува езерото. Водата досега се повлекла десетина метри од брегот.
,,Мора некој да провери кој и како ја троши водата, зашто штета е ваква убавина да отиде во пропаст“, вели Трајче Митков.
Зошто го снемува велешкото езеро се' уште никој не дава одговор. Од Општина Велес велат дека според мерењата направени пред три дена, во септември нивото на водата на езерото е спуштено за пет-шест сантиметри. Тие правеле поконтинуирани проверки откога се појавиле информации дека водата ја снемува во новонаправениот колекторски систем, но тоа децидно го демантираат.
Надлежно за водостојот на велешкото езеро е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.Во март годинава Управата за водостопанство дојде на велешкото езеро, но освен направениот увид, активности за спречување на неговото исчезнување досега не се направени. Нивото на езерото почна да се намалува последниве години, откога езерото нема концесионер и никој не стопанисува со него. (С.Ќ.Н.)
|