Македонија одбележа 19 години самостојност
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, зборува на свечената академија по повот Денот на независноста
„Во историјата на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија, во стремежот, борбата и сонувањата за самостојна држава, три значајни датуми засекогаш ќе останат во историски спомен. Тоа се Илинден 1903, Илинден 1944 и Осми септември 1991 година, кога на референдум над 95 проценти од гласачите се определија за самостојна и суверена Република Македонија“. Ова го истакна претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски, на свечената академија што се одржа во Македонската опера и балет на Денот на одбележувањето 19 години независна и суверена Македонија.
Тој пред присутните, меѓу кои беше и претседателот Ѓорге Иванов, сегашни и поранешни министри и пратеници, како и многу значајни личности што ја одбележаа поновата историја на македонската самостојност, изрази благодарност до граѓаните на државава, кои, како што нагласи, во едно турболентно време излегоа на референдум и со огромно мнозинство ја потврдија идејата и определбата на сите генерации.
Премиерот Никола Груевски, 8 Септември - Денот на независноста, го прослави со Македонците од Мала Преспа, Република Албанија.
„Ви честитам на вашата истрајност во негувањето и афирмацијата на македонската посебност и македонскиот национален дух, кој остана во сечие срце и во сечии мисли цврсто да го држи ма��едонскиот народ исправен и горд меѓу сите други народи“, истакна Груевски пред граѓаните на Пустец.
Опозицискиот лидер, Бранко Црвенковски, на Денот на независна Македонија пораки до граѓаните и власта испрати од Пеленица кај скопско Драчево.
„Македонија е земја во која економијата пропаѓа, сиромаштијата расте, Македонија е земја на скапи споменици и сиромашни луѓе, во која не се знае што е власт, што криминал, што полиција, што мафија. Најлошото е што денес не знаеме која ни е иднината“, истакна Црвенковски.
Празникот 8 Септември свечено беше одбележан и меѓу нашите иселеници во странство. (П.Р.) |