Четворица пратеници од Штип, три од нив се жени
Во градот на текстилот и на чевлите жената е алфа и омега, па затоа не е чудно што има три пратенички
Иван Бојаџиски
Штип – Во штотуку конституираниот парламент, Штип влезе со четворица пратеници, најмногу во годините на македонскиот плурализам. По двајца пратеници имаат двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Она што е посебна карактеристика, секако, е фактот дека од четворица пратеници, три се жени. Кај СДСМ тоа се Маринела Тушева и Билјана Казанџиска, а кај ВМРО-ДПМНЕ Надица Тулиева-Танчева.
Пратеничката од владејачката партија ја извршува оваа висока функција од 2006 година, а Маринела Тушева од СДСМ е пратеник од 2008 година. Нова во Собранието на Македонија е Билјана Казанџиска, која претходно се „печеше“ како советник. На овие штипски дами друштво во парламентот им прави и Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ, актуелен претседател на Општинскиот комитет на владејачката партија.
Во историјата на нашиот парламентаризам Штип дал вкупно 17 пратеници, но градот никогаш не го претставувале дури три жени во законодавниот дом. Одделни аналитичари ценат дека еден таков распоред на силите во однос на половата застапеност во парламентот му личи на Штип, пред се', поради фактот дека во времето на дведецениската транзиција, жената е таа што го понесе, а и се' уште го носи товарот на економскиот опстанок како на градот, така и на своите семејства.
„Штип е соочен со фактот дека 66 проценти од вкупниот број вработени се во индустријата, во која доминантни се текстилот со 114 фирми и кожарско-чевларската индустрија со вкупно 8.327 вработени. Во текстилот работат половина од вработените во индустријата, а во чевларската индустрија 83 проценти. Ако се има предвид фактот дека во овие индустрии доминира женската работна рака, тогаш лесно доаѓаме до сознание за улогата на штипската жена во економскиот и во социјалниот живот на градот“, вели економскиот аналитичар Стојче Самарџиев.
На иста релација во размислувањата околу оваа состојба е и Ристе Љуботенски, доктор по политички науки. „Ова е логична состојба на структурата што ја имаме стопанството во нашиот град. Жената доминира во стопанството, во семејството, таа се покажа и докажа како столб на економскиот и на социјален опстанок. Но, тоа е добро ако на работите фрлиме поглед од аспект на квантитетот. Но, во изминатите две децении политиката на никаков начин не му помогна на стопанството и Штип немаше никаква корист од своите пратеници.
И натаму како град ќе имаме пратеници што си ги номинираат партиите како послушници и тие во парламентот ќе бидат само обична гласачка машина. Од тој аспект, не очекувам никакви квалитативни промени“, нагласува угледниот политиколог.
Старо-новата пратеничка Тулиева, во изјава за нашиот весник вели дека изборот на дури три припанички на понежниот пол во Собранието на Македонија е големо признание за штипската жена. „Задоволна сум од мојот петгодишен ангажман како пратеник, а лично не сметам дека ние сме само обична гласачка машина. Петнаесет години и' сум посветена на работата во мојата партија ВМРО-ДПМНЕ во чиј мандат се остварени многу квалитетни промени во државата, на што влијание имавме и ние пратениците“, вели Тулиева.
Нејзината колешка Маринела Тушева, која е со тригодишно пратеничко искуство, тврди дека е инспирирана од силните жени што го промениле светот на подобро.
„СДСМ има јасен став кон можностите на жената како политичар, а фактот дека партијата стави две жени на добитни места на својата изборна листа јасно говори за односот на мојата партија кон жената. Ако Елизабета Прва, Елеонора Рузвелт, Мајка Тереза, Клеопатра, Кондолиза Рајс, Марија Кири и многу други жени силно влијаеле нашата земја да стане подобро место за живеење, ценам дека македонската жена е способна да го направи тоа и со нашава Македонија. Тоа што Штип има дури три пратенички, му личи на градот бидејќи жената е алфа и омега на сиот живот и станува се' подоминантна во политиката“, вели Тушева.
|