Ѓоковиќ го победи Степанек и ја забавуваше публиката
Српскиот тенисер ја забавуваше публиката со своите познати имитации. На репертоар беше Џон Мекинро
Новак Ѓоковиќ со леснотија мина во четврт-финалето на УС-опен. Српскиот тенисер во потполност го декласира Чехот Радек Степанек победувајќи со 6:1, 6:3 и 6:3. Ѓоковиќ шест пати го одземаше сервисот на Степанек, и ниту во еден момент не му дозволи загрозување на третиот едноподруго пласман, најмалку во четврт-финалето на последниот гренд-слем оваа година. Ѓоковиќ и Степанек се сретнаа на Флешинг медоу и пред две години, но тогаш на Србинот му требаа пет сета и речиси пет часа игра за победа.
Во понеделникот се' заврши за помалку од два часа, а кога веќе немаше возбудувања, српскиот тенисер ја забавуваше публиката со своите познати имитации. На репертоар беше Џон Мекинро, кој на крајот, на барање на Ѓоковиќ, се спушти на теренот и одигра неколку поени со него. Во четврт-финалето Ѓоковиќ ќе игра против Вердаско.
Во попладневната програма прв на Централниот терен се појави рекетот број еден, Роже Федерер кој исто така си поигруваше, но не со публиката, туку со Томи Робредо. Швајцарецот, веројатно првиот сет на УС-опен го користи за будење по ноќ мината со близначките и менување пелени. Така беше и против Робредо, но сепак, Федерер за разлика од мечот против Хјуит, тешко но го освои и првиот сет со 7:5.
Во останатите два гледавме школски час по тенис и презентација на се' она што Швајцарецот го прави најдобар тенисер на сите времиња. Невидена леснотија на изведба на сите удари кои со висок процент завршуваа како поени за Федерер. Фрустрирачки за Робредо, кој немоќта во играта против тенискиот уметник на крајот мораше да ја замени со насмевка и да го признае 9. едноподруго праз против Швајцарецот. Во четвртфиналето Федерер ќе игра против Содерлинг.
На УС-опен продолжува сонот на 18 - годишната Американка Мелани Один која продолжува да ја воодушевува публиката во Њујорк. Пред „малата“ тинејџерка падна уште една Русинка. По Дементиева и Шарапова, Один, исто така во три сета, ја совлада Надја Петрова со 1:6, 7:6 (2) и 6:3.
Резултати, осминафинале:Федерер (1) - Робредо (14) 7:5, 6:2, 6:2, Содерлинг (12) - Давиденко (8) 7:5, 3:6, 6:2 (Давиденко предаде), Вердаско (10) - Ајзнер 4:6, 6:4, 6:4, 6:4, Ѓоковиќ (4) - Штепанек (15) 6:1, 6:3 и 6:3.
Тенисерки: Вознијачки (9) - Кузњецова (6) 2:6, 7:6 (5), 7:6 (3), Один - Петрова (13) 1:6, 7:6 (2), 6:3, К. Бондаренко - Дулко 6:0, 6:0, Викмаер - Квитова 4:6, 6:4 и 7:5. |