Број 3461  понеделник, 20 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Втора страница

Сонуваат топол дом, а живеат на улица

Постела им се клупите, картоните, старите колиби, подрумите, шупите и засолништата под мостовите и железничките станици

Иван Бојаџиски
Моника Талеска


Мики Трајковски, попознат со прекарот Мики Ли, е најпознат бездомник во Штип. Има 41 година. Вели дека не ги познава родителите. Неговиот татко бил воен пилот и загинал во Словенија. Мајка му, пак, ги напуштила него, тројцата браќа и сестрата кога бил дете. Мики Ли по цел ден шета низ градот, влечејќи вреќа во едната и носејќи кофа од поликолор во другата рака. Овој бездомник тврди дека е дискриминиран од државата на чија адреса во изминатите 16 години испратил триесетина писма, со барање да му се реши станбеното прашање. Арно ама, не добил одговор од никого.

Вакви или слични животни приказни можат да се слушнат од премрзнатите усни на уште стотици други бездомници во земјава, на кои постела им се клупите, картоните, најлоните, старите колиби, подрумите и засолништата под мостовите и железничките станици. Научени да ги минуваат деновите везден по патиштата, тие најчесто одбиваат да бидат згрижени од институциите. По еден-два дена поминати во прифатилиште, каде што им се нуди постела и топол оброк, тие повторно и' се враќаат на улицата. Некои од нив собираат пластика и стара хартија, други питачат, трети ја влечат ногата зафатена од гангрена. Студот и ниските температури за многумина од нив се кобни, а секоја зима го зема својот данок. Полициските билтени известуваат за стари и снемоштени лица што починале од студ. Нивните премрзнати тела остануваат стутулени на улици или во импровизирани живеалишта.

„Спијам во гаражи, шупи. Сега се сместив во напуштена колиба во близина на приградската населба Три Чешми. Не примам социјална помош. Живеам од милоста на добрите луѓе кои не ја одбиваат мојата подадена рака. А и за таа милост морам да пешачам по 20 километри, колку што е мојот ‘дом‘ оддалечен од Штип“, истакнува Мики Ли Трајковски, најпознатиот бездомник во Штип.

Со долга, запуштена брада, темни очила кои никогаш не ги симнува, со долг мантил и шапка на главата, Мики Ли е штипска атракција. Говори со познавање и тврди дека неговата висока интелигенција била пречка за арогантниот однос на државата спрема него.

„Се плашам дека еден ден и мене ќе ме најдат замрзнат или пеплосан сосе колибата во која живеам и каде што се греам со гранки што ги собирам низ полето. Не пијам, не пушам, јадам кога ќе присоберам некоја пара. Не барам ништо друго освен мал стан“, додава Мики Ли.

Во Штип привршува изградбата на станбен комплекс со 91 стан од по 40 квадратни метри наменети за социјално ранливи групи. Тука спаѓаат напуштени деца, самохрани родители, родители кои се напуштени од своите деца. Мики Трајковски се надева дека еден стан ќе има и за него. Но, Власта Панева, директорка на локалното јавно претпријатие за станбен и деловен простор, објаснува дека овој бездомник нема повеќе право на стан.

„Мики Трајковски има уште двајца браќа кои живеат во Штип и сестра која е надвор од градот. Сите се без семејства. Во 1984 година Мики со тројцата браќа добиле државен стан. Пред 18 месеци, еден од браќата добил стан во новата зграда наменета за млади брачни парови со нерешено станбено прашање. Значи, четворица браќа самци добија два стана. Но, проблем е тоа што во првиот стан тие го откорнаа паркетот за да се греат. Тие не одржуваат хигиена, соседите постојано бараат да ги иселиме, бидејќи правеле многу проблеми. Дури го беа запалиле станот и постоеше опасност цела зграда да изгори“, вели Власта Панева.

Во Штип никој не го знае бројот на бездомниците. Таа појава во градот не е раширена и да не е Мики Трајковски кого секој ден можете да го сретнете ќе помислите дека Штип нема проблеми со оваа категорија луѓе. Но, од невладини организации укажуваат дека таа слика лаже. Преку лето, под мостот на Отиња, кампува многучлено ромско семејство кое подоцна беше сместено во посебна зграда.

Возрасна жена со шамија на главата седи на студените плочки пред Бизнис-центарот ��о Прилеп. Таа е замислена, а погледот го вперила во далечина. Пред неа празна кутија од чевли, со по неколку денари. Само триесетина метри подолу седи возрасен човек, со побелена коса и во парталава облека. Токму пред влезот во Участакот се надева дека добрите луѓе ќе му дадат некое денарче за храна, да го преживее денот. А во кафеанчињата што се наоѓаат во непосредна близина и во Старата прилепска чаршија секогаш, а најмногу кога е топло, многу дечиња бараат пари од граѓаните. Некои од нив со цигара в уста. Неизмиени со денови, парталави, на секој можен начин се обидуваат да измолат пари, како што велат, за храна. Дел од нив не ја кријат личната приказна.

„Ако ми дадете пари, ќе си купам една кифла или ѓеврек за да не останам гладен. Ене, онде, кај продавницата ќе претрчам и ќе ви покажам дека парите не ги трошам за цигари. Потоа ќе одам и ќе барам пари и на другите маси. А кога ќе се стемни, сам заминувам дома. Во куќата речиси немаме ништо. Имам и други браќа и сестри. Мајка ми и татко ми не работат. Секое утро сите излегуваме од дома, само мајка ми останува. На разни страни од градот молиме за пари. Навечер кога ги носиме дома, пребројуваме колку сме собрале. Така родителите се обидуваат да ни купат за јадење или да платат нешто. Велат дека тоа се пари за вода и струја“, раскажува срамежливо десетгодишно момче.

Студот деновиве ги избрка бездомниците и питачите од прилепските улици. „Секој ден со часови седат на студениот плочник и чекаат некој да им фрли по денар или два“, вели продавач на текстил на тезга на плочникот во центарот на Прилеп.

Тројца возрасни и десетина малолетни деца се евидентирани како питачи во Центарот за социјални работи во Прилеп. Оттаму информираат дека се преземаат сите мерки за згрижување на овие граѓани. „За малолетниците се преземат соодветни мерки согласно со законот. Возрасните добиваат социјална помош, а по потреба во одреден период и еднократна парична помош“, вели Убавка Шипинкоска, психолог во прилепскиот Центар.

За разлика од Прилеп, надлежните во Битола тврдат дека во градот нема регистрирано ниту еден бездомник, ниту, пак, имало потреба од отворање прифатилиште за бездомници. Според директорката на Центарот за социјални работи во Битола, Виолета Гаџовска, лицата со висок социјален ризик се сместени во семејства и се приматели на социјална помош. (И.Б. - М.Т.)

 


#
Статијата е прочитана 1109 пати.

Испрати коментар

Од: не се давај Мики
Датум: 20.12.2010 14:27:30
Иако ставот на Мики дека не можел да се вработи заради високата интелигенција звучи парадоксално, не се сомневам дека е вистинит и за жал има унесреќено и други интелигентни луѓе во оваа земја. Поготово ако си тип на интелигентен индивидуалец, нема шанса да процветаш па и да да опстанеш (како Мики ) во оваа средина - матрицата на мнозинството од медиокритети е толку јака што секој које е поинаков безмилосно е отфрлан. Знам дека тоа не е темата на колумната но со оглед на тоа што патем беше спомната не е лошо да се актуелзира барем во мислите на читателите кои сакаат да размислуваат. Сум била и во други земји и можам да кажам дека оваа земја и нар��д се исклушителни комформисти. Нема многу ни вистински философи-критичари (само неколкумина кобајаги критичари).
Од: Kamasutra
Датум: 20.12.2010 23:41:44
Socijalkata od Bitola e "dobra".Kazuva deka vo Bitola tece "med i mleko",nema socijalno slucaevi,nema bezdomnici,abre ova Bitola ti e Svajcarija..haha,dal da placam il se smeam...Bravo,epten si uspesna socijalna rabotnicka,kako vo socijalizmot,nema da padnes od direktorska fotelja za edno dvesta godini...uste ednaska Bravo za Bitola,a onaa Romskata maala na patot Bitola -Ohrid,kade sto ziveat lugeto vo kuki od kartoni,ah ,pa toa e optickas varka,na nasite oci,slicno na fatamorgana...

Најди! во Утрински
Втора страница
Срамниот крај на Божидар Д.
Вербатим
Педесет деца-бездомници згрижени во Скопје
 

The EU saved 140 million people last year, says aid commissioner
Serbian president re-elected as party leader with massive majority
Kosovo election commission orders vote re-run