Македонци продаваат имоти во Грција
Се нудат вили, куќи и станови во Солун, Костур, Воден, Волос и во Голден Бич. Деновиве, велат во агенциите, никој не се јавува за да купи, туку само за да продаде имот во Грција
Сања Наумовска
Македонските граѓани си го открија имотот што го поседуваат во Грција. Деновиве ги запалија агенциите за недвижности со понуди да ги продадат своите вили, куќи и станови покрај море и во градовите од северна Грција. По најавите дека Македонците се заинтересирани за инвестирање на грчкиот пазар, се појавија и нашинци што веќе имаат имот и сакаат да го продадат. Во агенциите се нудат вили, куќи и станови во Солун, Костур, Воден, Волос и Голден Бич. Цените се различни, во зависност од големината на недвижноста. Деновиве, велат во агенциите, никој не се јавува за да купи, туку само за да продаде имот во Грција. „Ваква понуда досега не сме имале. Телефоните не престануваат да ѕвонат, а никој не прашува за стан во Скопје, туку се разговара само за имоти во Грција. Ова е уникатна ситуација“, велат во агенциите.
Сопственици на имотот во Грција се фирми на Македонци најчесто регистрирани во Бугарија, бидејќи досега грчките закони дозволуваа да купуваат недвижности само државјани на Европската унија. Со последните измени, сопственици на недвижен имот можат да бидат и граѓани на соседни земји што не се членки на ЕУ, но само во пограничните региони. Во домашните агенции, кои се подготвуваат да посредуваат во купопродажбите, очекуваат проблеми поради непризнавањето на македонскиот пасош кога ќе треба да се официјализира имотот во грчкиот катастар.
И додека Македонците размислуваат како да купат или да го продадат имотот во Грција, становите во Скопје и другите градови веќе никој не ги бара. Агенциите се жалат дека граѓаните не само што не купуваат, туку не се ни интересираат за недвижности. „Во летната сезона секогаш помалку се купуваат недвижности, но вака не било никогаш. Речиси и да не ѕвонат телефоните“, се жалат во агенциите за недвижности.
„Ако порано сме продавале по 4 или 5 стана месечно, сега се продава по еден или два“, велат во агенцијата „Белона рекс“. Купувачите бараат помали и поевтини станови, но и натаму го преферираат централното градско подрачје, Дебар Маало, Карпош, Капиштец, Козле и Тафталиџе. Многумина тактизираат чекајќи ја конечната одлука на Владата дали ќе ги одобри поволностите при отплатата на ратите на кредитот за купување нов стан. Тоа, сметаат во агенцијата, може да е една од причините зошто на пазарот има неколкумесечно затишје.
Продажбата на станови во агенцијата „Прима каза“ во последните неколку месеци е намален за 30 проценти, а најмногу се бараат двособни станови до 50 квадратни метри. Најголем проблем е што банките многу тешко одобруваат кредити, но и граѓаните по неколку пати се преиспитуваат дали воопшто ќе можат да ги плаќаат високите рати за станбен кредит.
Во агенцијата „Викторија стил“, пак, во летниот период на цена се индивидуалните куќи и плацовите за сметка на становите. Заинтересираноста на граѓаните за станови ќе се врати кога ќе се симнат цените на квадратот кај старите станови, бидејќи сега разликата меѓу стар и нов стан е само за 50 до 100 евра за квадрат.
Намалувањето на цената на квадартот, особено во Скопје, секако, ќе го зголеми интересот на граѓаните за купување нови станови, за разлика од сега кога понудата е многу поголема од побарувачката, сметаат и во градежните компании. Еден квадрат во нов стан во Скопје чини од 950 до 1.500 евра. Сумата варира во зависност од атрактивноста на локацијата, но и вградените материјали. Најскапи се становите во новоградбите на Водно, кои чинат од 1.350 до 1.500 евра за квадрат. На цена се и енергетски ефикасните згради во кои се вградуваат нови еколошки технологии, кои ја искористуваат сончевата и геотермалната енергија. Малку поевтин стан, од 1.200 до 1.300 евра за квадрат, може да се купи во Дебар Маало, Центар и Црниче. Од 950 до 1.000 евра, пак, чини стан во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Слични се цените и во другите градови, каде што во последните години е зголемена побарувачката во колективното домување. Квадратен метар во новоградба во Охрид, во зависност од локацијата се продава од 1.000 до 1.200 евра. Пониски се цените во Струмица, каде што за квадратен метар треба да се одвои од 700 до 750 евра. |