Поглед
Бум и кикс
Јасмина Јовановска
Државата направи бум со вештачкото оплодување. Откако оваа здравствена услуга може да се добие и со сини здравствени картони, брачните двојки навалија кој прв да фати ред за методот што ќе им донесе пород. Во „Систина“ и во „Ремедика“ телефоните се вжештени и само за една недела е исполнета квотата од 375 осигуренички за вештачко оплодување, која Фондот за здравствено осигурување ја одреди за до крајот на годината.
Навалата на брачните парови, од кои некои со душа чекаат повторно вештачкото оплодување да биде на товар на државата, е оправдана. Посебно ако се знае дека едно вештачко оплодување приватно чини и до 2.000 евра, сума што ретко кој од брачните парови може да си ја дозволи, па не беше ништо чудно што некои се откажуваа од дете на овој начин или, пак, се задолжуваа во банките.
Но, турканицата за вештачко оплодување во овие две болници можеби и немаше да биде толку голема ако во системот за вештачкото оплодување на сметка на државата уште во самиот старт не беа исфрлени Клиниката за гинекологија и битолската ординација. Па се добива впечаток како да се фаворизираат само одредени установи, и тоа во приватниот сектор.
Јавното здравство потфрли за вештачкото оплодување, но Владата многу не се потресе поради тоа што државната Клиника за гинекологија не доби дозвола да им помага на жените да дојдат до дете. Дури не се бара ни одговорност како можеше да се случи клиниката што беше промотор на овој метод да остане без неа. Смешно е оправдувањето дека директорката на Клиниката за гинекологија е на одмор, исто како што државната комисија се оправда дека битолската ординација не доби дозвола, зашто не отишле да направат контрола, бидејќи биле на одмор. |