Планините горат, тендерите за противпожарни возила задоцнија

Беласица и Кајмакчалан се во пламен, дури идната година ќе се добијат нови возила и авиони за гаснење
Јулијана Кимовска
Шумските пожари, поттикнати од високите температури во земјава, се' уште беснеат на планините. Огнената стихија на Беласица трае една недела, а завчера состојбата ја влоши уште еден пожар што се појави во близина на веќе постојниот.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека пожарот во голем дел е локализиран, а целосно е изгаснат кај местото Кукла. Но, покрај пожарите кои горат изминативе неколку денови, се појавуваат и нови пожари. Повторно гори и на планинскиот врв Кајмакчалан. Огнените стихии се гаснат со минималната неопходна опрема, а директорот на ДЗС, Шабан Салиу, најави нови тендери за набавка на противпожарни авиони и возила, бидејќи претходните тендери се поништени поради неисполнување на условите од страна на понудувачите. Противпожарните авиони и возила најверојатно в година ќе бидат ставени во служба на тимовите за борба против огнените стихии. „Постапката за набавка на авиони не помина, бидејќи на тендерот се јави еден кандидат и тој не ги исполнуваше условите. На конкурсот за возила се јавија осум кандидати и голем дел од нив не ги исполнија условите“, објасни Салиу.
Тој најави дека по истекот на рокот за жалба од страна на кандидатот за набавка на противпожарни авиони ќе биде распишан нов тендер. Додека за возилата, бидејќи веќе вторпат не успеа тендерот, ќе почнат директни преговори со осумте понудувачи. „Од нив ќе бараме да ги исполнат условите поставени во тендерот, за да можеме да набавиме возила од нив“, рече Салиу.
Дирекцијата има три милиони евра на располагање за набавка на десет противпожарни возила и три авиони.
Една недела противпожарните единици и тимови на ДЗС се обидуваат да го изгаснат големиот пожар на планината Беласица, кај местото Коџа Чаир. Од ДЗС велат дека пожарот е изгаснат целосно кај месноста Кукла, но се' уште е активен на потегот од Дренски Рид до реката Ореш и кај селото Свидовица.
„На планината Беласица пожарот е локализиран. Двата армиски хеликоптера се повлекоа од гаснењето на пожарот“, рече Шабан Салиу, директорот на ДЗС на вчерашната прес-конференција.
Салиу додаде дека местото каде што се' уште гори пожарот се наоѓа во подножјето на планината во амбис каде што гори нискостеблеста шума. Но, поради непристапниот терен, гаснењето на пожарот е отежнато.
Нова огнена стихија избувна вчера претпладне во близина на селото Банско, Струмичко, и се шири кон врвот на Беласица.
„Противпожарни единици и екипи на ДЗС се на терен. Во пожарот е зафатена борова шума, а хеликоптерите на АРМ и МВР се на располагање доколку има потреба - веднаш ќе бидат вклучени“, информираше ��ирекцијата.
Пожарот што беснееше во Грција на планината Ниџе се прошири и на македонската страна на планинскиот врв Кајмакчалан кај местото Флока.
Пожарот кај кичевското село Цер, кој гори веќе десетина дена, е локализиран, но од Центарот за управување со кризи велат дека зависи од временските услови дали огнот повторно ќе се разгори.
Под контрола е и пожарот меѓу селата Вељуса и Варварица на планината Смрдеш. Пожарот што гореше на планината Буковиќ кај селото Колари се префрли во кичевското село Зајас.
„Пожарите од лани и несреќите не' поучија навремено да реагираме, а не да чекаме шумите да ни горат, потоа да реагираме. Поради овие причини немаме пожари како минатата година. Затоа велам дека не беа само ниските температури причина за ваквата состојба“, изјави Салиу.
Според податоците на ДЗС, годинава во земјава досега избувнале 151 шумски пожар во кои се опожарени 2.622 хектари шуми, многу помалку од минатогодишната бројка од 652 пожари и 39.000 хектари уништени шумски појаси. |