Дијалогот ќе почне од Деловникот
Помалите опозициски партии не се подготвени да дадат бланко-поддршка за нови собраниски правила
Измените на собранискиот Деловник во вторник би требало да се најдат пред пратениците, откако социјалдемократите ветија дека безусловно ќе се откажат од сите барања во парламентот. Првиот парламентарец, Трајко Вељаноски, вчера најави дека ќе ја закаже седницата за Деловникот, ако претставниците на опозицијата на координацијата во понеделник соопштат дека го прифаќаат текстот што беше на дневен ред пред годишните одмори.
„Ја поздравувам секоја изјава што придонесува за деблокирање и реактивирање на политичкиот дијалог, сеедно кои биле причините за тоа. Ако и' сакаме добро на Македонија, треба да гледаме напред. Се надевам дека во вторник Деловникот ќе биде изгласан. Со него ќе се зголеми демократскиот капацитет на Собранието“, рече Вељаноски, изразувајќи надеж дека политичкиот дијалог ќе се гради чекор по чекор во законодавниот дом и оти Македонија ќе добие позитивен извештај од ЕК.
Претходно, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, оцени дека единствениот европски критериум во чие исполнување учествува и опозицијата е политичкиот дијалог, но оти одговорноста за состојбите во сите сфери без исклучок и' припаѓа на власта. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, е проблематично тоа што социјалдемократите решиле сега да го деблокираат донесувањето на измените на Деловникот, иако можеле да го направат тоа и порано.
„Ќе поддржиме каков било деловник, вклучително и оној катастрофалниот од 2008 година. Се откажуваме од иницијативата за формирање собраниска комисија за контрола над трошењето на народните пари. Ако власта решила да краде, тој проблем нема да се реши со комисија, туку со промена на власта. Претставниците на СДСМ ќе присуствуваат на координациите кај Вељаноски, без разлика за што таму ќе се дискутира“, рече Црвенковски.
Опозициските партии во парламентот досега здружено ги бојкотираа координациите кај спикерот и се спротивставуваа да се донесе деловник исклучиво според теркот на ВМРО-ДПМНЕ. Некои од помалите партии од опозицијата и сега не се подготвени да дадат бланко-поддршка за Деловникот, како што направија социјалдемократите.
„Ќе прифатиме деловник што значи функционирање на демократијата во Собранието. И ВМРО-ДПМНЕ треба да прифати таков деловник, затоа што таков и' е потребен на опозицијата. А, утре и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде опозиција“, изјави Андреј Жерновски од ЛДП. Тој не прецизираше како ќе се изјаснат либералдемократите за последната верзија на Деловникот.
Жерновски рече дека се покажале како точни тврдењата на ЛДП оти политичкиот дијалог меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ „е една обична фарса за задоволување на партиските и на лидерските суети“.
„До вчера за СДСМ најбитно за функционирањето на демократијата во Македонија беше да имаме нов Деловник и да имаме контрола врз трошењето на народните пари. Но, сега слушнавме дека тоа веќе не е важно. Тогаш зошто четири месеци бевме заложници на ова инаетење меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и зошто се срамотевме пред официјален Брисел“, рече тој.
Пратениците на Нова демократија нема да гласаат за понудените измени во Деловникот, бидејќи тие не биле во согласност со Уставот и со Рамковниот договор. „Нема да прифатиме деловник во кој не се содржани нашите барања - стенограмите од собраниските седници, сите натписи во парламентот да бидат и на албански јазик и да се засили позицијата на потпретседателот на Собранието“, објасни пратеничката на НД, Флора Кадриу.
Од НСДП велат дека имаат усогласен став со СДСМ во врска со Деловникот и враќањето на координациите во Собранието.
Спикерот Вељаноски вчера повторно апелираше до пратениците од ДПА да се вратат во парламентот, а од Владата побара одговор на писмото во врска со автентичното толкување за Законот за амнестија, што е една од главните причини за бојкотот на оваа пратеничка група на Собранието. (А.М.М.)
|