Масовно труење на ученици во ОУ „Рајко Жинзифов“
Децата за појадок добиле павлака и салама, а за ручек пилешко со ориз
Снежана Калабакова
Педесетина деца имале симптоми, а четиринаесет ученици во Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево најверојатно добиле труење од храната што им била дадена во училишната кујна. Затруена била и една наставничка. Интоксикација добиле деца на возраст од седум до десет години, кои посетувале целодневна настава. Учениците за појадок добиле павлака и салама, а за ручек им дале пилешко месо со ориз. Лекарите се сомневаат дека најверојатно станува збор за бактеријата салмонела, но точните резултати ги очекуваат за 24 часа. Завчеравечер четиринаесет деца од педесетина ученици, кои имале зголемена телесна температура, се пожалиле на мачнина и на грчеви во абдоменот, биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. По лекарските прегледи и откако примиле инфузија тринаесет деца биле пуштени на домашна нега, а на лекување вчера беше задржано едно девојче на возраст од осум години. На домашна нега била и наставничката, а пациентката на Одделението за инфективни болести вчера беше во добра општа состојба.
Во ова училиште, вчера, Државната санитарна инспекција, заедно со претставници од Епидемиолошката служба, зела мостри од кујната и потоа времено ја запечатила. Инспекторите зеле и брисови од вработените на „Пудо младост“, претпријатие кое првпат на тендер било избрано да ја снабдува училишната кујна со топли оброци и притоа да врши нивна достава.
„Тегобите што ги имаа децата, главно, се зголемена телесна температура, болки во стомакот, дијареја, повраќање. Претходниот ден консумирале павлака и салама. Ручале пилешко месо со ориз, а мачнина почнале да чувствуваат вчераутро“, изјави вчера доктор Жаклина Шопова, инфектолог на Инфективната клиника.
Според неа, труењето не би требало да остави какви било последици кај децата. За случајот е известен и министерот за здравство, Бујар Османи. Тој изјави дека веднаш штом биле известени за труењето испратил екипи на терен и ја затвориле училишната кујна.
Малата пациентка во текот на вчерашниот ден ја посетил Марјан Ѓорчев, градоначалник на Кисела Вода, кој на родителите на затруените деца, како и на наставничката им понудил помош и соработка доколку им биде потребна.
Според Марјан Спасески, портпарол на општина Кисела Вода, при посетата на градоначалникот девојчето било во добра и стабилна состојба. Спасески вели дека фирмата што ја снабдувала училишната кујна на „Рајко Жинзифов“ ја избрала комисија во која членувале тројца наставници од училиштето, двајца родители, членови на училишниот одбор и двајца претставника, од кои еден од Министерството за образование и еден од локалната самоуправа.
Општината вчера формирала кризен менаџмент, кој е подготвен за секаков вид соработка со родителите. |