Студенчишкото блато во Охрид се враќа во природната рамнотежа
Дел од просторот сега е заштитен со што се создадени услови сам да се одржува и вегетира
ОХРИД - По дведецениска деградација на Студенчишкото блато во Охрид, за што постојано алармираше домашната и странската експертска јавност, конечно, почна ревитализација на еден негов дел. На иницијатива на Лимнолошкото друштво на Македонија и веб-порталот „Охрид њуз“, Министерството за животна средина и просторно планирање со 300.000 денари поддржа проект со кој се расчистија околу 1.200 квадратни метри од вкупно 25 хектари од охридското блато. Станува збор за редок музеј на живи ендемични видови растенија.
„Третиравме само дел од деградираното Студенчишко блато, при што беа отстранети речиси 1.000 кубни метри цврст отпад, градежен шут и други материјали. Дел од просторот сега е заштитен со што се создадени услови во иднина природно сам да се одржува и вегетира. Ја вративме трската на површините каде што беше фрлан отпад и очекуваме брзо враќање и на другите растителни видови. Целта на проектот е со мала грижа да почне голем процес за враќање на природната рамнотежа во Студенчишкото блато како неодвоив дел од биосферата на Охридското Езеро“, вели Горан Момировски, сопственик на веб- порталот „Охрид њуз“.
Охридското блато Студенчишта кое во почетокот на минатиот век се протегало на два километра, меѓу градот и локалитетот Горица, е природен феномен кој со милениуми бил филтер на водата што се влевала во Охридското Езеро. Тогашната површина изнесувала 40 хектари, а нејзината длабочина од 0,5 до 1,5 метар. Во неа се влевала вода од карстните извори Студенчишта, како и другите извори кои се наоѓале во непосредна близина на блатото.
Една од главните активности на проектот што почна да се реализира во јуни беше да се определат границите на охридското блато. Според д-р Марина Талевска од Лимнолошкото друштво на Македонија, со помош на ЏПС- инструменти биле определени 30 точки на рабовите на блатото. Притоа, пресметано е дека сегашната негова површина на блатото е околу 25 хектари, од кои десетина се деградирани со натрупување градежен отпад.
„Тука ги обележавме со табли заштитените видови растенија кои, и покрај деградацијата, се' уште се присутни. Регистрирани се околу 20 ретки видови растенија и неколку кои се веќе исчезнати, а за нив треба да знае стручната јавност“, вели Талевска.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Дејан Пановски, смета дека со финансиската поддршка ќе се анимира јавноста за поведување кампања за целосна заштита на овој редок споменик на природата.
„Ова значи дека Охридското Езеро не го оставаме само на себе. Почетоците се скромни. Овој проект за Студенчишкото блато ќе ги покаже главните насоки за акција со што ќе ��е излезе од сегашната летаргија во заштитата на вредните природни реткости“, смета Пановски.
Охридското блато, поради неговата голема природна вредност како посебен екосистем, но истовремено како интегрален дел на Охридското Езеро, очигледно ќе се стави под посебна заштита. Посебно внимание ќе се посвети на зачувување на биолошката разновидност, природните реткости, естетските вредности. (С.И.) |