.... И уште нешто
Самоубиства Бројот на самоубиствата во Европа драстично се зголеми во периодот 2007-2009 година, а експертите нагласуваат дека тоа се должи на финансиската криза, високата невработеност и на малите плати. Најдраматично е зголемувањето на самоубиствата во Грција, Ирска, Австрија, Велика Британија, Грција и други.
Хавел рекламира Поранешниот претседател на Чешка и познат дисидент, Вацлац Хавел, го позајми своето име во реклама на еден чешки автобазар. Оваа реклама е дел од проект на фондацијата „Визија 97“, која ја води експретседателот заедно со својата сопруга, актерката Дагмар Хавлова. Хавел за учеството во рекламата не добил хонорар, туку автомобил на една година.
Тероризам Американецот Бетим Казим, син на имигрант од поранешна Југославија е осуден дека планирал убиства и обезбедувал материјална поддршка на странски терористички организации. Казната ќе му биде изречена на 4 ноември, а би можел да биде осуден на доживотен затвор. Тој водел џихад против американските сили на Балканот и на Блискиот Исток.
Берлускони Италијанскиот премиер Силвио Берлускони нема повторно да се кандидира кога ќе му истече мандатот во 2013 година и го именуваше министерот за правда, Анџелино Алфано, за нов кандидат за премиер на десниот центар. На прашањето дали ќе се кандидира, тој во интервју за весникот „Република“ одговори дека тоа „не доаѓа предвид“.
Кристин Лагард Францускиот суд ја одложи за 4 август одлуката дали ќе почне истрага против извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, за нејзината улога во арбитражата за исплатата на отштета на бизнисменот Бернар Тапи, додека беше министер за економија, финансии и индустрија на Франција.
|