Градот дозволува бесплатно паркирање за МЕПСО
Компанијата со месеци ги нема платено картичките за паркирање
„Претпријатието ’Градски паркинг‘ ги пропушта возилата на МЕПСО на паркиралиштето кај ’Телеком‘, иако оваа институција со месеци не си ги платила картичките за паркирање“, рече советничката Софија Куновска од СДСМ на вчерашната седница на Советот на Скопје. Таа го праша градоначалникот Коце Трајановски зошто ова градско јавно претпријатие и покрај сите долгови и судската пресуда во негова корист против МЕПСО, и натаму и' дозволува на оваа институција да го користи паркингот. Спор��д Куновска, станува збор за долг од 1,5 милиони денари, кој секојдневно се зголемува.
„Долг временски период ’Градски паркинг‘ не ги реализира побарувањата од МЕПСО. И покрај судскиот спор за долг по основа на картички за паркирање и пресудата во корист на Јавното претпријатие, возилата и натаму непречено се паркираат. Дали станува збор за поинаков аршин што го има претпријатието кон институциите и кон обичните граѓани, кои и за пет минути задоцнето паркирање плаќаат огромни казни“, праша Куновска.
Градоначалникот Коце Трајановски за овој проблем нема да бара одговорност нити оставка на директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски. „Нема различен аршин за институциите и за граѓаните. Напротив, како што се договараме со граѓаните, така правиме и со институциите“, рече Трајановски.
Според директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски, раскинување на договор за паркирање не е можно додека трае судски спор. Пресудата, вели директорот, стасала пред само неколку дена, а МЕПСО има право на жалба. (С. Н.) |