Австрија нема да посредува, но сака да помогне
Министерот Шпинделегер е уверен дека целиот Западен Балкан ќе влезе во ЕУ до 2020
Димитар Чулев
Министерот задолжен за европски и меѓународни работи на Австрија вчера во Скопје ја ублажи понудата за инволвирање во грчко-македонскиот спор околу името и забрзување на процесот на интегрирање на Западен Балкан во ЕУ.
„Австрија не сака да биде медијатор во спорот за името меѓу Македонија и Грција, туку ја нуди својата помош онаму каде што тоа ќе биде побарано од неа“, изјави вчера во Скопје Михаел Шпинделегер по средбата со шефот на дипломатијата Антонио Милошоски.
„Спорот треба да се решава во рамките на ОН, бидејќи тоа е билатерално прашање“, рече Шпинделегер, кој воздржано одговори на новинарското прашање како неговата идеја била примена во Грција, споменувајќи дека реакцијата на австриската понуда за помош била позитивна.
Во понеделникот Шпинделгер во интервју за австриската државна телевизија се произнесе дека Виена сака да се понуди како медијатор за името и оти е уверен оти решение за проблемот ќе се најде уште во текот на пролетта, а оваа година „ќе има конкретни резултати“ во соработката на ЕУ со Македонија. Но, по завчерашните средби со Јоргос Папандреу и со Димитрис Друцас во Атина, австрискиот министер ги намали амбициозните планови.
Целта на неговите посети на Атина и на Скопје беше промоција на австриската иницијатива за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Идеја на Виена е да го види просторот на Западен Балкан интегриран во ЕУ до 2020 година. „И кај постојните членки на ЕУ треба да завладее чувството дека до 2020 година Западен Балкан треба да биде интегриран во ЕУ“, рече Шпинделгер, одговарајќи на новинарско прашање околу неговите оптимистички проекции.
Антонио Милошоски ја поздрави иницијативата на Австрија да се вклучи во напорите за евроинтегрирање на овој дел од Европа во ЕУ. Најавите од Грција, која до 2014 година сака да го види интегриран целиот Балкан „беа идеи без кредибилитет“. „Сега со вклучување на Австрија тие добиваат кредибилитет“, рече шефот на македонската дипломатија.
Според него, важно е да се нотира дека Македонија не само што е подготвена да се интегрира во ЕУ, туку е подготвена да ги исполни условите што водат до членство.
Милошоски рече дека „сме подготвени да ги продолжиме преговорите со Грција со цел да дојдеме до решение за овој спор кое и на македонски и на грчки јазик ќе може да се напише како компромис, но и на македонски и на грчки јазик да се преведе како компромис“. Според него, Грција „не можеше да ги надмине своите стереотипи и повторно го блокира почнувањето на преговорите. Се надеваме дека во периодот пред нас ќе најдеме начин да ги увериме сите европски партнери, вклучително и Грција дека евроинтеграциите се процес што носи полза на целиот регион“.
Министрите за надворешни на Австрија и на Македонија вчера потпишаа и Спогодба за развојна соработка меѓу двете земји, а било договорено и потпишување на уште неколку такви документи
Шпинделегер во Скопје вчера имаше средби со шефот на државата, Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а за вчерашниот дена беа најавени и средби и со лидери на поголемите политички партии.
Претседателот Иванов ги искажа македонските позиции и подвлече дека доколку Грција се придржува до резолуциите на ОН, на меѓународното право и принципи, и доколку својата декларативна подготвеност за разрешување на спорот ја демонстрира и на дело, до решение може да се дојде. Иванов истакна дека Македонија е целосно подготвена за решавање на наметнатиот спор за името, соопшти неговиот кабинет.
На средбата со Груевски, Шпинделегер, како што соопшти Кабинетот на премиерот, истакнале „дека кога ќе се направи подлабока анализа на прашањето, ќе се согледа дека не е лесно да се дојде до решение, но дека е значајно да се работи на воспоставување база на доверба што ќе помогне да се надмине овој спор помеѓу Македонија и Грција“. |