Џамијата во Лажец повторно ги зовре страстите
Ако објектот се изгради на влезот, селото ќе го изгуби христијанскиот предзнак, велат Македонците
БИТОЛА - Одлуката на Советот на Општина Битола џамијата во Лажец да биде изградена на самиот влез во селото, повторно ги зовре страстите меѓу жителите од македонска и албанска етничка припадност. Македонците категорично велат дека со изградба на џамија на влезот селото ќе го загуби христијанскиот предзнак. Во Лажец живеат 120 Македонци и осумдесетина Албанци. Македонците предлагаат џамијата да се гради во близина на црквата.
Одлуката на Советот не сакаат да ја коментираат жителите Албанци. Од битолското муфтивство велат дека со оваа постапка на локалната власт се надминува и се решава проблемот во Лажец за изградба на верски објект за потребите на муслиманското население.
Долгогодишниот горчлив проблем на жителите на селото Лажец каде да се изгради џамија пред три дена на седница на Совет беше набрзина решен.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери дигнаа два прста за одлуката да се изработи локална урбанистичка планска документација за изградба на џамија во Лажец во месноста Средно Поле на влезот од селото. Советниците од СДСМ беа воздржани, а против оваа одлука единствено гласаше ЛДП. На седницата присуствуваа и жители Македонци од селото, кои крајно разочарани од изгласувањето на одлуката, иронично ги нарекоа советниците на ВМРО-ДПМНЕ „внуците на Гоце“.
Лажани сметаат дека за локацијата се договориле ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на највисоко ниво без да го слушнат ставот на жителите. Револтирани и незадоволни од постапката на локалната власт во Битола, Македонците од Лажец ја бојкотираат наставата. Два дена десетте ученици Македонци не одат на настава, а така ќе биде се' додека не се измени одлуката на Советот на Општина Битола, се закануваат родителите.
„Децата нема да одат на училиште додека тие горе манифестираат самоволност. Нека слушне и премиерот. Оваа работа треба да се реши на маса. Дотогаш децата нема да седат во училишните клупи“, предупредува Васил Поповски од селото Лажец, поранешен претседател на Месната заедница.
Македонците од Лажец бараат поништување на одлуката на Советот.
„Итно да се свика вонредна седница на Советот и да се прогласи за невалидна одлуката донесена на 31 август. Жителите треба да ја одредат локацијата за џамија, а не политичарите“, побара Орце Дандушевски, претседател на МЗ во селото Лажец.
Последната одлука на Советот на Битола е силен удар врз соживотот на Македонците и Албанците во Лажец, сметаат дел од жителите на ова село, напоменувајќи дека едвај успеале по долги години кавги и расправии со своите соседи во последната година да ги релаксираат односите.
„Таман се спушти топката и тргна работата повторно почнаа да се разгоруваат страстите меѓу Македонците и Албанците. Велат дека локацијата за изградба на џамија била договорено на највисоко ниво, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Каде сме ние? Зошто жителите не се прашани? Македонците не се против џамија. Може да се гради веднаш до нашата црква, на сретсело или од другата страна на реката. Но, не на влезот од селото каде што сите куќи се на Македонци“, истакна Поповски.
Лажани се крајно разочарани не само од партиите туку и од Преспанско-пелагониската епархија.
Од друга страна, пак, од битолското муфтивство велат дека локацијата е избрана со претходно постигнат договор меѓу повеќе фактори во државата. „Направени се отстапки со цел да се зачува соживотот во селото. Во Лажец имаме потреба од џамија. Не е битно каде, важно е да се изгради во селото. Со оваа одлука на Советот на дело се покажа демократијата. Се урнаа табуата и се' што било мрачно и црно. Едноставно се надминува проблемот“, потенцира муфтијата Плуми Велиу. (А.Б.) |