Битолчани поделени околу прифатилиштето за бездомници
Со предрасуди кон децата од улица се прави дискриминација
БИТОЛА - Жителите на Битола се поделени околу прифатилиштето за бездомници во населбата Стрелиште. Реакциите не стивнуваат откако дел од жителите се спротивставија на идејата да се отвори центар за деца од улица од различни етнички заедници во градинката. Проблемот настана откако Министерството за труд и социјална политика почна да адаптира просторија во градинка за десетина социјално ризични деца од 6 до 14 години. Идејата беше едукација на децата за да се оттргнат од улицата и од девијантните појави во општеството. Но, дел од жителите на Стрелиште се заканија дека доколку се отвори центар, тие ќе го бранат објектот и ќе ја бојкотираат наставата.
Коментарите на голем дел од битолчани се дека нивните сограѓани од Стрелиште со ваквите предрасуди кон децата од улица не само што прават дискриминација туку дека пројавуваат и расизам. Невладините организации, особено ромските, сметаат дека поголем проблем ќе биде ако проектот пропадне и не се направи обид за превоспитување и враќање на децата од улица во училиштата.
„Очигледно е дека станува збор за одреден примитивизам кај граѓаните. Имам чувство дека кај битолчани тлее предрасуда кон Ромите. Острите реакции на жители од Стрелиште се многу лоши, еден вид ксенофобија, па дури можам да кажам и расизам. Ромите се наши сограѓани и институциите на системот имаат обврска да се грижат за нивниот статус во државата“, нагласи Нешат Аземовски, претседател на навладината организација „Биосфера“ од Битола.
Аземовски смета дека, и покрај тоа што ваквите ситуации во Битола се инцидентни, сепак, се индикатори за големите предрасуди на битолчани. „Битола, градот на културата, живее како санта мраз. Една третина е град на културата, меѓутоа две третини се форми на национална и етничка нетрпеливост. Доколку луѓето се изолирани во гето, нема проблем, ќе им помагаме. Но, ако треба да се интегрираат во системот преку образование, вработување, тогаш настануваат проблеми“, потенцира Аземовски.
Од Здружението „Баирска светлина“ реаги��аат и на најавите доколку децата од улица се сместат во градинката, нивната просторија со ѕид да биде одделена од другите деца во објектот.
„Министерството за социјала можеби требаше да се консултира и со ромските организации. Ако се реализира проектот, а градинката се подели со ѕид, значи тогаш не станува збор за интеграција на Ромите во општеството“, коментира Ремзи Медик, претставник на „Баирска светлина“.
Бојкотот на родителите од Стрелиште наиде на осуда и од локалните власти во Битола. Оттаму сметаат дека проектот е добар и треба да се најде решение прифатливо за сите. Сепак, од Општината не можат да понудат алтернативен простор каде што би можело да се отвори прифатилиште без да се јават нови проблеми.
„Непотребно се направи тензија. Општината нема многу простор на располагање, освен месните заедници, градинките, училиштата и пожарната. Проектот е стопиран, но идејата е добра“, рече градоначалникот Владимир Талески, според кого е подобро ромските деца да бидат згрижени.
Ромите и Египќаните во Битола сметаат дека државата малку прави за подобрување на животот на Ромите, особено што Македонија е потписник на „Декадата на Ромите“ за Југоисточна Европа.
„Државата досега не покажа заинтересираност суштински да им помогне на Ромите, а проблем е самоорганизираноста, како и конфликтите што ги предизвикуваат ромските политички партии меѓу Ромите“, оценува Медик од Здружението „Баирска светлина“. (А.Б.) |