Британија ги осудува изборните насилства во Македонија
Мисијата на ОДИХР оцени дека изборите во Македонија не ги исполнија главните меѓународни стандарди и наведе дека властите не успеаја да спречат заплашувања во некои делови на земјата. „Екстремно сум загрижен од оваа оцена и разочаран што спроведувањето на овие избори претставува чекор назад во споредба со претходните парламентарни избори во 2006“, изјави британскиот министер за Европа, Џим Марфи.
„ Во земја која е аспирант за интеграција во ЕУ и во НАТО нема место за изборна злоупотреба, насилство или заплашување“, наведува во изјавата Марфи, што вчера ја лиферуваше амбасадата на Велика Британија во Скопје.
Марфи, како што наведува, како силен поддржувач на амбициите на Македонија за интеграција во ЕУ и во НАТО, се надева дека надлежните ќе реагираат брзо и одлучно при справувањето со овие проблеми и ќе ја покажат својата посветеност кон демократијата.
„Тие мора да се погрижат одговорните лица да дадат отчет за своите постапки“, рече тој и додаде дека, исто така, вакви проблеми не смеат да се повторат.
Британскиот министер за Европа во изјавата наведува дека за таа цел очекува премиерот Никола Груевски да ја оствари својата посветеност изборите да се повторат во оние области каде што имаше инциденти. (П.Р.) |