Без зборови по концертот на „Мизар“
Бунтовници, рокери, металци, парламентарци – сите дојдоа да го слушнат култниот бенд, чиј настап беше дел од „Таксират“
Бојан Шашевски
Се гледа крајот на промотивните настани на долгоочекуваниот 12. фестивал „Таксират“. Овогодинешното издание на големото музичко соединување во четвртокот вечерта ни го донесе четвртото откровение на „Мизар“, придружени од членови на машкиот црковно-византиски хор „Хермосини“, творечки сопатник на култниот бенд во последните години. Преполниот клуб „Колосеум“ претставуваше креативна спојка на повеќе енергии од различни генерации, следбеници на групата, ликови кои го слушаа Ристо Вртев на микрофон и Панта Џамбазовски на тапани, ја гледаа Катерина Велјановска на клавијатури, ги гледаа на сцена Каевски, Серафимовски, Стојановски, а ги почувствуваа и вокалите на двајцата Горани и Нора, па дури и некои што сведочеа на движењето „Македонска стрелба“. Бунтовници, рокери, металци, парламентарци – сите дојдоа да ги слушнат „Мизар“.
Сегашното јадро на групата-основоположник на мрачниот, готик-рок звук од 80-те години на минатиот век, Горазд Чаповски, Зоран Ориѓански, Пеце Китановски и Влатко Георгиев, направија звучен спој од традиционалната македонска музика, мистичното и модерното, налевајќи ни дози од моќната дарквејв-атмосфера.
Немаше предгрупа, па амбиенталниот етномистикус во просторот го направија пуштените теми од австралиското дуо „Дед кен денс“, почесна станица од музичкиот полет на Ориѓански.
Маглата во клубот, петчлениот хор „Хермосини“ и „Мизар“, главно, ни го претставија последниот албум „Детето и белото море“. Најновиот носач на звук, слично како и тој пред него, собира мотиви од македонската милениумска традиција збогатена со старословенско пеење, македонски фолклор, преточени во источновизантиска персонализација, идеолошки осврт на новото откровение на „Мизар“. Акустиката во клубот, неговиот современ изглед и повремените светлечки ефекти на моменти си поигруваа со присутните. Имаше мигови кога историскиот музички моментум беше тешко достапен за луѓето поставени на подалечната страна од сцената, но со самата појава на „Мизар“ присутните беа принудени да се претопат во создадената атмосфера.
Синергијата со публиката доби интензитет и кулминација со „Почесна стрелба“, тема примарно наменета за конечно збогување на „Мизар“ со неуморните обожаватели во 2003 година, а наместо тоа, стана култен хит што се препеја и на германски, доживеа место во „Поглед кон цветната градина“, „Порта Маседонија“, па дури доби своја верзија и од поп-пејачката Ребека.
Изненадувањето дојде кога Сецко од „Ласт експедишн“ се појави на сцената и со својата гитара го придружуваше бендот и „Хермосини“ низ неколку песни, па дури теми од бисот. Откако аплаузот на публиката повторно ги повика на сцена, одекнаа „Бело море“, „Константинопол“ и повторно изведената „Почесна стрелба“. Можеби публиката ќе беше уште позадоволна доколу „Мизар“ тргнеа малку похрабро и засвиреа нешто постаро како „Девојко од бронза“, нешто поинакво од музичкиот опус на второто и третото откровение, но, сепак, задоволството и импресиите на присутните беа на високо ниво кога го напуштија „Колосеум“. Доживеаја поинаква, диско-мистификација.
|