МЗТ Скопје ќе игра во Првата кошаркарска лига и во новата сезона
Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје и во сезоната 2009/10 ќе се натпреварува во најсилната лига, одлучи на вчерашната седница Здружението на прволигашките клубови. Одлуката е базирана на добиената потврда од регистрациската комисија дека клубот до предвидениот краен рок има регуларно пријавено тројца играчи, а имајќи ја предвид можноста дополнително да се донесат четири странци или пак да се потпише договор со играчи кои се повратници од странство или кои не се под договор со друг тим, МЗТ Скопје има можност 24 часа пред почетокот на првенството (4 октомври) да состави тим. „Ние ќе играме и оваа година во Првата лига. Регуларно имаме регистрирано играчи, а за останатите, дали ќе бидат од младинската школа или странци дополнително ќе одлучиме. Цврсто сме решени да се натпреваруваме во најсилната лига и заради тоа преземавме иницијатива клубот од Аеродром да го оставиме во живот, истакна претставникот на МЗТ Скопје Анте Дуковски на денешната седница.
Директориумот на прволигашите донесе одлука да му достави предлог на Управниот одбор на Федерацијата, за нов претседател на Здружението да биде именуван Илија Пенов од Вардар Осигурување. Пенов доаѓа на тоа место како наследник на Огнен Дедиќ кој си поднесе оставка од лични причини. (МИА)