Финишира истрагата за случајот „Метастаза“
Љубиша Станковиќ
Истражната постапка што се води за 37 лица осомничени по предметот кој носеше оперативно име „Метастаза“ е пред финиширање. Имено, за лекарите и за другите осомничени за кривични дела злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправа,мерката притвор што им беше изречена на 19 април и натаму останува во сила. Во меѓувреме, повиканите странки завчера ги изгледаа сите 19 компакт-диска на кои се снимени осомничените, а кои се однесуваат на извршувањето на кривичните дела за кои се товарат.
Како што неофицијално се дознава, истражниот судија што постапува во овој кривичен предмет во изминативе денови извршил распит на сите предложени сведоци, како и на оние што се јавуваат како понудувачи на пари во замена за обезбедување инвалидски пензии. Според истите сознанија, сега предметот е во рацете на експерти од Бирото за судски вештачења. Тие во наредните денови ќе треба да работат на утврдувањето на висината на штетата што ја претрпила државата со издавањето на невистини мислења врз чија основа поединци успевале да обезбедат инвалидски пензии.
Непотврдени сознанија говорат дека за истрагата е недостапно само уште едно лице, но дека органите на прогонот имаат одредени сознанија што упатуваат на него.
За конкретниот настан Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција ги товари: Сашо Јосимовски (37), лекар од Клиниката за кардиологија и претседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност при Министерството за труд и социјална политика, Љубица Вели��кова (50), началник на Одделение на комисија за оценка на работната способност во прв степен при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, членовите на комисиите: Слободан Дамјановски (52), Пане Георгиевски (58), Лидија Аврамовска-Силјановска (53), Соња Теодорова (54) и Љупчо Петковски (53). На долгата листа се и имињата на осомничените: Љупчо Бутевски (29), Азем Кофрц (45), Занко Николов (53), Живко Петковски (62), Звонко Алтановски (55), Зоран Божиновски (48), Ѓорѓе Хаџи Ангелковски (51), Олга Мицева (56), Јане Бушев (53), Борјанка Танева (50), Милчо Демерџиев (49), Тодор Пиперковски (53), Иван Барбов (46), Андријана Јошевска (48), Виолета Паневска (65), Фиданчо Трајковски (59), Љубе Глигоровски (61), Љубе Стојановски (57), Горан Николовски (46), Исмаил Ваити (54), Јовица Мацура (53), Едип Шеји (50), Иван Трендафилов (22), Дарко Бакрачевски (25), Валентина Димовска (45), Милан зафировски (52), Дивна Трпеска (64), Ристе Велковски (49), Миливој Арсовски (59) и Сафета Заховиќ (50). |